1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Повторна средба на пријателите” во 2011-та

31 октомври 2007

Германија ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство за жени во 2011-та година. Првенството за мажи во 2014-та ќе го организира Бразил (домаќин и во 1950-та). Решението го донесе Извршниот комитет на ФИФА во Цирих

https://p.dw.com/p/BzTY
Претседателот на ФИФА Јозеф Блатер и’ честита на германската деелгацијаФотографија: AP

Светот лани, на Светското фудбалско првенство за мажи, беше “На гости кај пријатели” во Германија. Очигледно му се допадна, оти пак ќе дојде по 4 години, кога ќе се игра Светското првенство за жени, на “Повторна средба на пријателите”. Кандидатурата на Германија под тоа мото освои поголем дел од членовите на Извршниот комитет на ФИФА, кои решија да и’ дадат предност на Германија пред Канада. “Организатор на Светскиот куп на ФИФА за жени во 2011-та е Фудбалскиот сојуз на Германија” – објави во Цирих претседателот на ФИФА Јозеф – Сеп Блатер.

Клучни аргументи веројатно биле воодушевувањето што ја зафати земјата лани за време на машкиот мондијал, како и нејзината извонредна инфраструктура. За организација и на женското првенство посебно се залагаше претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер: “Се разбира дека сме многу горди и благодарни за ова признание - да можеме да го организираме и Светското првенство за жени. Тоа е голема чест за нас. Германија - луѓето и владата, Фудбалскиот сојуз, севкупниот германски спорт и’ се радуваат на оваа задача” – изјави Цванцигер.

Првенството ќе му даде потик на женскиот фудбал

Лани погледите на целиот свет беа свртени кон Германија, светот виде колку таа се презентира гостопримлива и отворена. Бум доживеаја ’паблик вјуинг‘ – колективните следења на преноси од натпреварите.Оливер Бирхоф, менаџер на машката репрезентација, и сега полага врз тоа воодушевување за спортот: “Мислам дека Германија покажа дека можеме да бидеме земја-организатор. Воодушевување покажавме не само на светското фудбалско првенство, туку и на првенствата во коњички спорт или во ракомет. Мислам дека така ќе биде и со светското фудбалско првенство за жени”.

Тренерот на женската репрезентација Силвија Најд ги доведе Германките до втората титула светски првенки пред еден месец во Кина. Според неа, организацијата на наредниот шампионат е шанса за да му се дадат натамошни импулси на женскиот фудбал: “Многу се радувам. Ова е повторно вистински предизвик за нас, за женскиот фудбал. Мислам дека тоа многу ќе му донесе на женскиот фудбал во Германија и во целиот свет, оти ние многу добро ќе го организираме првенството – затоа и верувам дека ќе биде вистински прекрасна работа”.

Германија има искуства во организација на големи спортски манифестации

На 1212 страници во германската кандидатура беа изложени концепти за областите безбедност, дистрибуција на влезници, финансии и логистика. Германскиот сојузен министер за вантрешни работи Волфганг Шојбле, ресорно одговорен и за спортот во земјата, укажа и на големото искуство на Германија во организација на спортски манифестации: “Ние и во оваа 2007-ма година добро и успешно организиравме осум светски првенства во разни спортови. Поради тоа мислам дека ќе можеме добро да го организираме и Светското фудбалско првенство за жени во 2011-та”.

Германија ќе биде втора европска земја што организира женски мондијал, по Шведска која беше домаќин во 1995-та. Во 1991-ва и годинава домаќин беше Кина, два пати светско првенство организираа и САД. Иако ФИФА бараше 4 до 6 стадиони, Германија се кандидираше со 12: Аугзбург, Берлин, Билефелд, Бохум, Дрезден, Есен, Франкфут на Мајна, Леверкузен, Магдебург, Мехненгладбах, Зинсхајм и Волфсбург.

Првенството ќе биде свечено отворено во Берлин, финалето веројатно ќе се игра во Франкфурт, а точниот термин уште не е дефинитивно одреден.

А.Бетхер / З. Јордановски