1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно протести во Словенија

АТ/ афп/ дпа/ ап/ ртр12 јануари 2013

По корупциските афери расте притисокот врз премиерот Јанез Јанша и градоначалникот Зоран Јанковиќ. Повторно илјадници демонстранти бараат оставки на двајцата словенечки политичари.

https://p.dw.com/p/17Ipy
Фотографија: Reuters

Според податоци на државното радио повеќе од 10.000 луѓе учествуваа во протестниот марш во Љубљана. Полицијата пак соопшти дека учествувале 8.000 демонстранти.

На т.н. „Втор народно-словенечки бунт“ повикаа повеќе цивилно-општествени групи. Учесниците на протестот носеа плакати со натписи: „Јанша, не можеш да го чуеш народот“ и „Бараме оставка на политичката елита“.

Еден од демонстрантите, 45 годишне наставник, изјави: „Вие не‘ крадете и покрај тоа сакате да ни ги скратите платите. Тоа не може да биде!“ Словенечката влада планира годинава да ги намали платите во јавниот сектор за пет проценти, за да ја оствари европската граница за дефицит од три проценти.

Proteste gegen Sparkurs in Slowenien
Демонстрантите го постигнаа првиот успех - изнудија оставка на градоначалникот на МариборФотографија: Reuters

Исто така и претседателот на словенечката организација за антикорупција, Горан Клеменчиќ, ги повика премиерот Јанез Јанша и градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, да поднесат оставки на функциите. Наместо нив земјата низ должничката криза би требало да ја води некој кој е „чист“ по однос на финансиските прашања.

Државната Антикорупцуска комисија го обвинува премиерот Јанша дека не може да го докаже потеклото на 210.000 евра на неговата приватна сметка. Градоначалникот на Љубљана Јанковиќ пак според антикорупционерите не може да го докаже потеклото на 2,4 милиони евра. Против двајцата е започната истрага поради сомневање за корупција.

Уште во декември десетици илјади граѓани на Словенија демонстирраа против првиот ред од политичкиот ешалон. Првиот успех го забележаа со принудената оставка на градоначалнкот на Марибор, кој исто така се товари за корупција.

Во словенечките медиуми изби бура од негодувања поради тоа што Јанша и Јанковиќ дефинитивно одбиваат оставка. Со оглед на тоа што и коалициониот партнер го повика премиерот да поднесе оставка, централно-десничарската влада на Јанша западна во криза. Викендов помал партнер од сојузот треба да донесе одлука дали ќе ја напушти владата. Во таков случај Јанша ќе го загуби мнозинството во парламентот.