Повторно украден филмот за Ходорковски
10 февруари 2011Документарниот филм за Михаил Ходорковски, поранешниот руски тајкун и опонент на режимот на Владимир Путин, кој веќе осум години е во затвор, сепак ќе биде премиерно прикажан на фестивалот во Берлин. Но, тоа нема да биде конечната верзија која режисерот Сирил Туши ја подготвил за фестивалот, туку работната верзија која единствена ги преживеа досегашните две кражби на филмот. Првата кражба на филмот се случи на Бали, а втората по истото сценарио, упад во хотелската соба на режисерот, се случи во петокот (04.02), во Берлин.
Полицијата отвори истрага за инцидентот, но засега нема докази кои би укажале дека зад кражбата се кријат политички мотиви. Дел од германските медиуми, меѓутоа, тврдат дека филмскиот материјал со должина од 111 минути би можеле да бидат премногу непријатни за актуелните руски челници.
Казни за соговорниците во филмот!
Режисерот Туши, Германец со руско потекло, во последните пет години го истражуваше случајот на Ходорковски. Притоа, тој успеал да документира изјави на членови на семејството, пријатели и бизнис соработници на олигархот, кој во матичната држава е обвинет за кражба на 350 милиони тони нафта и перење пари, во вредност од 20 милијарди евра.
Весникот „Зидојче Цајтунг“ наведува дека Туши е единствениот кој во последните седум години успеал да сними разговор со Ходорковски, и тоа за време на една негова средба со германската министерка за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер. Еден руски весник, во меѓувреме, јави дека сите соговорници на Туши кои давале изјави во филмот ќе сносат правни последици. Премиерата на филмот е закажана за 14 февруари.
Автор: Селма Филиповиќ / Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска