1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно штрајк на франкфуртскиот аеродром

20 февруари 2012

Контролорите на летање на франкфуртскиот аеродром денеска започнаа 48-часовен штрајк што доведе до откажување на 223 летови.

https://p.dw.com/p/145qF
Фотографија: Reuters

Германската авиокомпанија „Луфтханза“, која држи повеќе од половина летови на аеродромот во Франкфурт, откажа околу 200 дојдовни и појдовни летови во внатрешниот и меѓународен сообраќај, освен интерконтиненталните летови.

Прекинот на работата на еден од најголемите европски аеродроми почна утрово во 5 часот и ќе трае до в среда во утринските часови.

Синдикатите бараат зголемување на платите на контролорите на летање за 65 до 70 проценти во зависност од стручната подготвеност, како и зголемување на бонусот и намалување на работното време.

Ова е трет штрајк на франкфуртскиот аеродром во помалку од една недела. Во четвртокот поради прекин на работата беа откажани 172 лета, а во петокот околу 300, во најголем дел од „Луфтханза“.

Синдикатите овој пат се одлучија за штрајк поради спорот со управата на аеродромот околу платите и работните услови за околу 200 членови на аеродромскиот персонал.

Франкфуртскиот аеродром, со околу 1.300 летови дневно, е трет по промет во Европа зад лондонскиот „Хитроу“ и парискиот „Шарл де Гол“.

Автор: ЖА/ АТ/ дв/ дпа

Редактор: А. Трајковска