1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поглед во темното царство на даночните оази

ЕМФ/дв15 јуни 2013

Непровидниот свет на даночните оази треба да стане потранспарентен, гласи целта на проектот „Офшор-ликс“. Затоа податоците за фирми и лица од денеска (15.06) се ставаат на интернет и ќе бидат достапни за секого.

https://p.dw.com/p/18qSG
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ИЦИЈ) има намера веќе денеска да објaви еден дел од податоците на проектот „Офшор-ликс“, јавуваат германската телевизија НДР и весникот Зиддојче цајтунг. „Со тоа конечно ќе се внесе светло во непровидниот свет на даночните оази“, се вели од ИЦИЈ во Вашингтон. Досегашната дискреција овозможуваше корупција и перење пари во даночните оази.

Врз основа на јавно објавените пoдатоци, корисниците на интернет сега можат лично да ги истражуваат офшор-фирмите и нивните акционери и директори. Конзорциумот нагласи дека овие податоци се подготвени за објавување и ќе им се достават на експертите и новинарите. На интернет нема да бидат ставени чувствителни податоци, како броеви на банкарски сметки, копии на пасоши, доверлива кореспонденција или биографии. Такво нешто се исклучува и за иднина.

Објaвувањето на податоците, според шефот на ИЦИЈ Џерард Рајл, е „придонес кон долго бараната транспарентност во даночните оази“. Изворот на информации и податоци, според ИЦИЈ, и натаму ќе биде заштитуван.

Г8 го насочува погледот кон даночните грешници

Symbolbild Steueroasen British Virgin Islands
Г8 ќе разговара за даночното затајувањеФотографија: Fotolia/Trueffelpix

Темата даночна праведност е на дневен ред на самитот на Групата 8, наредната недела во Северна Ирска. Германската канцеларка Ангела Меркел очекува да биде постоигнат договор на големите индустриски држави за борба против даночно зaтајување. Даночните прашања за Меркел, како што се вели во Берлин, имаат „многу висок приоритет“.

Рускиот претседател Владимир Путин пред самитот на Г8 побара генерално укинување на даночните оази. Не е тајна дека таму се собираат огромни износи пари од шпекулативни и криминални зделки, изјави Путин за руската агенција Риа Новости. Укинувањето на даночните оази, наглaсува Путин, е важен предуслов за отстранување на структуралната нерамнотежа во светската економија.