1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поглед наназад во германската 2013-та година

Зилке Бирхоф / Зоран Јордановски31 декември 2013

Во 2013-та Германија на европска почва работеше на ставање крај на економската криза, а внатре во земјата се случуваа бројни настани кои можеа да влијаат на нејзината економија. Што ја обележа 2013-та во Германија?

https://p.dw.com/p/1AhcO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија 2013-та беше година под знакот на изборите за Бундестагот. Голем момент за Ангела Меркел и нејзината партија: во септември 41,5 проценти од избирачите гласаа за унијата на ЦДУ и ЦСУ.

„Да, драги пријатели, славењево покажува дека денеска можеме сите да се радуваме. Ова е супер резултат“, оцени Меркел по повторната победа.

Кај социјалдемократите, пак, имаше атмосфера на потиштеност. Кандидатот за канцелар Пер Штајнбрик очекуваше подобар резултат. Посебно тежок удар доживеаја либералите - останаа под пет проценти од гласовите и за прв пат не успеаја да влезат во Бундестагот.

„Ова е најгоркиот, најтажен час во историјата на Слободната демократска партија“, оцени тогашниот претседател на либералите (ФДП), Филип Реслер.

Ангела Меркел веќе не можеше да смета на либералите како коалиционен партнер, а партиите на Унијата немаа апсолутно мнозинство.

Меркел ја следеле 10 години

И тоа во време на напади однадвор. Скандалот со прислушкувањето фрли сенка врз 2013 година. Не беше поштеден дури ни мобилниот телефон на Меркел. Доволна причина за да биде повикан на рапорт американскиот амбасадор.

Bundeskanzlerin Merkel NSA Überwachung Obama
Следењето на телефонските разговори на Меркел - проблем во американско-германските односиФотографија: picture-alliance/dpa

„Ова што го слушаме и што ни е пренесено, е толку сериозно, што мораше да биде применето и ова силно дипломатско средство“, изјави тогашниот министер за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле.

Американската тајна служба НСА наводно ја прислушкувала Меркел цели 10 години. Од илјадници документи што ги објави Едвард Сноуден, поранешен соработник на тајната служба, излезе на виделина практиката на НСА за прислушкување во целиот свет. Скандалот го помрачи германско-американското пријателство.

Поплавите однесоа домови и посеви

Пролетта југот и истокот на Германија беа погодени од големи поплави. Цели градови долж реките Елба, Дунав и Зале беа преплавени. Надојдената вода ги уништи основите за егзистенција на многу луѓе. Десетици илјади беа евакуирани. Цела жетва беше уништена. Сојузната влада овозможи кредити за отстранување на штетите на куќите и претпријатијата нанесени од водата.

Elbehochwasser in Lorenzkirch
Поплавите и’ се заканија на економијатаФотографија: Privat

Процес против НСУ

Во исто време, во мај годинава, во Вишиот покраински суд во Минхен започна еден од најголемите кривични процеси во Сојузната република: судењето за НСУ. Обвинета е Беате Чепе, единствена преживеана од тројката од националсоцијалистичката сцена. Помеѓу 2000-та и 2007-ма тројката извршила десет убиства од ксенофобични мотиви, како и напади со подметнати бомби и грабежи на банки. Жртви беа осуммина Турци, еден Грк и една германска полицајка.

Кога полицијата им беше на трагата на Уве Бенхарт и Уве Мундлос, тие се убија. Иследниците потоа ја открија нивната поврзаност со Националсоцијалистичката илегала.

„Различни сознанија не биле поврзувани едни со други, не биле ни сериозно сфатени, и дури не било ни пребарано во сопствените акти, па поради тоа никогаш не и’ било влезено во трагата на тројката“, изјави Ханс-Кристијан Штребеле од партијата на Зелените.

NSU-Prozess in München Beate Zschäpe Angeklagte 12.11.2013
Беате Чепе во судницаФотографија: picture-alliance/dpa

Имаше доволно причини за востановување Анкетна комисија на Бундестагот за серијата убиства. Пратениците мораа да прочешлаат ридишта од документи, за целосно и брзо да се расветлат тие настани.

Нова влада

По повеќемесечни коалициони преговори, пред крајот на годинава е формирана и новата Сојузна влада. Коалициониот договор беше потпишан. Претходно го одобрија со гласање членовите на Социјалдемократската партија. Претседателот на СПД Зигмар Габриел силно агитираше за таков исход. Германија така по повеќе години повторно доби голема коалиција предводена од Ангела Меркел, која и во наредните години ќе биде на кормилото на владата.