1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Iran Auseinandersetzungen

28 декември 2009

Во Иран повторно владеат протести, а владата повторно се обидува да ги разбие со примена на сила. Сепак, тоа е погрешниот рецепт во справувавањето со проблемот. Што е она што недостасува во Иран?

https://p.dw.com/p/LFUT

Во која насока се движи Иран? Без сомнение, важно прашање за младото општество, кое по тридецениско угнетување, сега посакува подобра иднина и со сигурност заслужува подобра иднина. Ова е, исто така, важно прашање и за целиот регион, обоен од насилства, војни и безмалку нерешливи конфликти. И на крајот, ова е важно прашање и за меѓународната заедница, на која и` е преку глава од провокативниот и непокорлив став на Иран околу неговата атомска програма.

Во која насока се движи Иран? Добро прашање, на кое како и на сите други добри прашања, не може да му се даде добар одговор. Борбата за власт, и паралелно со неа протестите на улиците во Техеран, не престануваат од спорните претседателски избори во јуни. Борбата за власт станува се` поостра, протестите се` порадикални, а судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили се` побрутални. Каде завршува оваа бруталност и која е целта кон која се стремат овие протести?

Огромна грешка со далекусежни последици

Protesten im Iran
Протестите во Иран траат од претседателските избори во јуниФотографија: AP

Незадоволни граѓани ширум земјата го искористија празникот Ашура и повторно излегоа на улица. Уште на почетокот беше јасно дека опозицијата ќе го искористи овој религиозен ден за нови демонстрации против режимот. Меѓутоа, бруталниот начин на кој владата се справи со демонстрантите токму на овој ден беше огромна грешка со далекусежни последици, бидејќи овој празник за шиитските муслимани е голем ден. На овој ден тие се сеќаваат на смртта на имамот Хосеин, кој храбро се борел за праведност и притоа бил убиен. Значи празникот Ашура е празник на востанието против неправдите и деспотизмот.

Пожар и чад во Техеран, Исфахан, Наџафабад, Тебриз, Шираз. На улиците крв, повредени и нови уапсени демонстранти. Три месеци по првите демонстрации, во судирите од викендов повторно имаше и мртви. Колку точно, засега не се знае. Единствено што се знае е дека меѓу жртвите е и внук на лидерот на опозицијата, Мир Хусеин Мусави.

Примена на повеќе сила - очигледно ова е единствениот одговор што властодршците во Иран знаат да го дадат на оправданото незадоволство на граѓаните. А, како што може да се забележи, ваквиот одговор не е многу делотворен.

Диктаторите имаат плитко сеќавање. Или ништо не научиле од историјата, или, пак, многу брзо забораваат се` што ќе научат. Ова е единственото објаснување за тоа зошто секогаш одново ги прават истите грешки.

Разум наместо сила

Aschura Fest im Iran
Иранската опозиција го искористи празникот Ашура да излезе на улицаФотографија: picture-alliance/ dpa

Пред шест месеци ситуацијата беше јасна: тогаш се работеше за претседателските избори, за изборниот фалсификат и контроверзниот реизбор на Махмуд Ахмадинеџад за претседател на државата. Погрешниот рецепт на владата во односот кон демонстрантите доведе до криза на легитимитетот, до радикализација на протестите и до безизлезна и непрегледна состојба во Иран.

Борбата против општеството и државата во оваа земја продолжува. Празникот Ашура покажа дека е тешко со едно незадоволно општество да се управува на подолг рок, а за овој проблем да се реши не е потребна примена на уште повеќе сила, туку малку повеќе разум. А разумот во кругот на улгра-конзервативниот Каменеи, иранскиот духовен лидер, се чини дека е карактеристика што недостасува.

Автор на коментарот: Џамшид Фаруги

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска