1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Подготвени сме да и’ помогнеме на Македонија“, но...

Зоран Јордановски16 ноември 2012

Нашата позиција е јасна:поддршка, доборсоседство, взаемна помош- но категорично велам, дека истото го должи и Македонија кон Бугарија, вели во интервју за ДВ, Маргарита Попова, потпретседател на Република Бугарија.

https://p.dw.com/p/16kEy
Маргарита Попова со бугарскиот претседател Росен ПлевнелиевФотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Госпоѓо Попова, би Ве замолил за слушателите на програмата на македонски јазик на ДВ да го прокоментирате актуелниот момент во бугарско-македонските односи. Можно ли е Бугарија навистина да стави вето за евентуален почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ?

Попова: Ви благодарам за прашањето, со задоволство ќе Ви одговорам. Бугарија веќе пет години и малку повеќе е член на ЕУ. Пред да станеме полноправен член, ние поминавме еден многу тежок и многу долг пат на претпристапна подготовка. Членството во ЕУ означува многу нешта, означува правила, мотивација за почитување на тие правила, искреност при почитувањето на тие правила, посветеност при придржувањето кон тие правила, бара отворени односи, востановување на односи на доверба, на почитување на вредностите, на историјата, на вчерашниот, на денешниот ден меѓу сите европски партнери. Ние ги исполнивме тие критериуми и станавме член на ЕУ.

Бугарија како добар сосед, како мирољубив сосед, како држава во која живее убав народ, силно ја подржува желбата на Македонија за европска интеграција. Дури и повеќе од тоа - ние сме подготвени да и помогнеме на Македонија да ги избегне грешките кои Бугарија си ги дозволи во претпристапниот период, грешките и дефицитите што ги има и сега, во овој краток живот на европско членство. Но, Бугарија јасно и категорично вели: европско членство да, но кога ќе се исполнат јасно, искрено и вистински сите критериуми кои европското членство ги бара еднакво од сите кои се решиле мотивирано да тргнат по патот на европската интеграција. Тоа бугарската држава и го кажа на македонската држава - ние сме соседи, ние имаме богата историја, одамна се познаваме, треба да живееме добрососедски. Бугарија е исклучително добар сосед, никој не може да се сомнева во тоа. Но, Бугарија категорично вели дека при неисполнување на критериумите за европско членство, во кои задолжително влегува довербата, почитувањето меѓу народите, почитувањето на историјата и на денешницата, тогаш јасно и категорично ќе кажеме дека забележуваме оти има такви дефицити, доколку ги има - нека бидат надминати. Сакаме јасен, искрен однос со лидерите во Македонија, тие да кажат, да побараат како добри соседи да живееме заедно, да се почитуваме взаемно, и кога сето тоа ќе биде видливо, тогаш ќе ја поддржиме. Ако не е така, Бугарија јасно и категорично ќе каже дека не можеме да ја подржиме, зашто не се присутни сите тие услови кои ги бара едно добро европско семејство. Другото не е чесно кон ниту еден друг член на европското семејство, не е чесно кон бугарските граѓани, не е чесно ни кон македонските граѓани. Затоа лидерството и националните власти треба многу добро да знаат што ги очекува, како се прави тоа и како ќе продолжиме во иднина. Нашата позиција е јасна: подршка, добрососедство, взаемна помош - но категорично велам дека истото го должи и Македонија кон Бугарија.

Bulgarien Portrait Margarita Popowa Justizministerin
Маргарита Попова, потпретседател на Република Бугарија.Фотографија: picture-alliance / dpa

ДВ: Значи, Бугарија гледа можно неисполнување на сите обврски што се бараат од Македонија за да може да почне да преговара и утре да стане членка на ЕУ. Но, од друга страна Комисијата на ЕУ 4 години со ред констатира дека Македонија ги исполнува условите за да почне да преговара. Зошто токму во овој момент Бугарија ги нагласува проблемите во односите со Македонија? Можеше да ги нагласи и порано, може да ги нагласи и подоцна, откако би почнале тие преговори - секогаш, со затворањето на секоја глава од преговорите секогаш може да биде блокиран натамошниот пат на Македонија кон ЕУ.

Попова: Ви го разбирам прашањето, но мислам дека содржи неточни констатации. Бугарија и досега укажувала дека има работи кои не попречуваат во однос на должното почитување и на добрососедство меѓу двете страни. Можеби не сме биле доволно јасни и доволно категорични. За мене е многу важно кога ќе има некакви проблеми, тие да се кажат, макар и малку подоцна. Важно е да ги именуваме проблемите и заедно, добронамерно и добрососедски да ги решиме, а не да се поставува прашање зошто сега, а не порано. И сега е важно да се постават проблемите и прашањата, за да бидат решени, инаку ќе биде навистина фатално доцна. Бугарија јасно и категорично кажа какви се претензиите, што очекува и подготвени сме да седнеме и да дискутираме. Работите, впрочем, не се несовладливи и мислам дека, како што кажа нашиот министер за надворешни работи, националните власти се подготвени и способни да седнеме заедно и да кажеме - овде згрешивме, овде можеме ова да го поправиме и заедно да одиме во Европската унија.

ДВ: Несомнено, тоа е најдобриот пат и воопшто тешко е сфатливо зошто блиски соседи, нужно ориентирани еден кон друг, не можат директно да го решат проблемот - ако постои - во меѓусебните односи, туку треба да го направат тоа преку ЕУ. Но, да се вратиме пак на основната теза - зошто Бугарија во овој момент го актуелизира прашањето? Токму кога Грција, која 4 години го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, веќе тешко може да ги одбрани нејзините аргументи, откако Комисијата на ЕУ, пак ќе повторам, веќе 4 пати констатира дека Македонија ги исполнила условите за почеток на преговори, зошто Бугарија сега го крева гласот? Испаѓа како да и’ прискокнува на помош на Грција, кога веќе Грција самата не може да ги одбрани своите аргументи и позиција. Тоа создава сигурно не најдобра позиција за натамошно градење на добрососедски односи, да не речам дека создава отпор во Македонија.

Попова: Не, напротив. Јас мислам дека колку побргу се откажете од тој начин на размислување, толку побргу ќе добиете. Не ја сврзувајте реакцијата на Бугарија на никаков начин со тоа.

Kurt Beck Margarita Popova
Бугарската потпретседателка со германскиот политичар Курт БекФотографија: STAATSKANZLEI RHEINLAND-PFALZ

ДВ: Зборувате за Македонија и и’ се обраќате на Македонија. Ние сме Дојче Веле!

Попова: Да, се разбира, сево ова го кажувам за нашите пријатели во Македонија и за македонскиот народ. Колку побргу се откаже Македонија од тој начин на размислување, од поврзувањето на реакцијата на бугарските власти со реакцијата на грчките власти, толку подобро и толку полесно сами ќе си ги решите проблемите. Тоа се ситници и тоа се нешта кои нема да ви дозволат брзо да ги решите и да го направите возможен стартот на преговорите за европско членство, отколку ако се задлабочувате во тоа што Грција, што Бугарија, зошто сега, зошто не вчера. Губите време. Да седнеме заедно на маса, како што кажаа бугарските национални власти, да се откажеме од сите тегоби на тоталитарните режими пред 20 години, затоа што јас чувствувам остатоци, реминисценции од мислењето и од менталитетот на тоталитаризмот, кои страшно многу пречат на патот кон европско членство. Колку побргу ќе се откажете од тоа, колку побргу го промените мислењето и менталитетот, како што ние многу упорно продолжуваме веќе толку години да градиме друг менталитет и друга визија, толку полесно и толку побргу Македонија ќе биде готова, ќе стартува со преговорите, ќе стане европски член, а на тој начин ќе дадеме придонес и на Западниот Балкан, како добри соседи, за таа чудесна европска идеја за обединета Европа и за повеќе Европа. Мислам дека се’ друго е губење време и обременување со ненужни емоции. Сега е време Македонија да работи, да ги исполни критериумите во најдобри односи и со најдобри чувства кон своите соседи, кон Бугарија која ги има тие чувства и тие односи кон Македонија. Се’ друго е заблуда и губење време за Македонија.

ДВ: Госпоѓо Попова, Ви благодарам за разговорот.

Попова: Бидете жив и здрав, и јас Ви благодарам.