1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подготовки за мировната конференција за Блиски исток

21 ноември 2007

Американската администрација ги намали очекувањата од меѓународната конференција за Блискиот исток што треба да се одржи следната недела во Анаполис.

https://p.dw.com/p/CPtp
Ехуд Олмерт и Хосни Мубарак на претходната средба во Шарм ел Шеик во јуни годинаваФотографија: AP

Претставник на Стејт департментот порача дека САД се надеваат оти Израелците и Палестинците по конференцијата ќе се придвижат кон директни мировни преговори.

На Конференцијата се поканети 40-тина држави, меѓу кои и Сирија и Саудиска Арабија. Во подготовка на средбата вчера се сретнаа израелскиот премиер Ехуд Олмерт и египетскиот претседател Хосни Мубарак.

Како домаќинот, така и високиот гостин од Ерусалим се обидоа да ги нагласат добрите односи меѓу двете земји. На прес конференцијата по средбата во туристичкото место Шарм ел Шеик египетскиот претседател Хосни Мубарак потсети на историскиот говор на поранешниот претесдател Анвар ел Садат во израелскиот парламент пред точно 30 години:

„Посетата на Претседателот Анвар ел Садат на Ерусалим доведе до праведен и траен мир. Време е на мировните преговори да им се даде нов поттик, како и да ја истакнеме нашата надеж во духот и принципите на Садат.„

И израелскиот премиер Ехуд Олмерт потсети на историските мигови на помирување пред 30 години и најави дека очекува почеток на нови мировни преговори за Блискиот исток. Дека тие можат и да пропаднат, таквата опција ја исклучи домаќинот Мубарак:

„Зборот пропаѓање значи крај на надежта и не остава простор за натамошен развој. Можеме евентуално да кажеме дека конференцијата нема да донесе голем успех.„

Гостинот од Ерусалим пак оцени:

„Конференцијата во Анаполис не може да пропадне. Веќе и фактот што таа се одржува е успех.„

Според израелскиот премиер шансите за успех на конференцијата се големи. Тој исто така изрази надеж дека на неа ќе учествуваат и поголем број арапски држави:

„Има уште една недела до средбата во Анаполис. Се надевам дека повторно ќе се видиме за една недела – и тоа сите заедно!„

Во подготвка на конференцијата во американскиот град Анаполис утре и задутре во Каиро се среќаваат министрите за надворешни работи на земјите членки на Арапската лига. Главна задача им е да изготват заедничка позиција за конференцијата во САД. Но, дали ќе испратат свои делагации на меѓународната конференција, тоа ќе остане сепак во надлежност на секоја земја членка одделно.