1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за Македонија од американски сенатори и конгресмени

6 октомври 2010

Македонија заслужува да биде членка на НАТО, изјави американскиот конгресмен Роберт Адерхолт од Републиканската партија, по синоќешната средба во Вашингтон со македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски.

https://p.dw.com/p/PWhh
Македонскиот министер за одбрана во Вашингтон имаше повеќе средби, како таа со сенаторот Патрик ЛеахиФотографија: MIA

Адерхолт беше еден од иницијаторите на писмото за поддршка на Македонија за влез во НАТО, потпишано од 19 конгресмени, што во петокот (01.10.2010) беше испратено до американскиот претседател Барак Обама и други официјални претставници на САД. 

Конгресменот Адерхолт рече дека многу е важно да се знае за придонесот што Македонија го дава не само во Авганистан, туку и за ширење на демократијата и слободата.

Treffen der Verteidigungsminister von Mazedonien und den USA
Коњановски се сретна и со американскиот колега по функција, Роберт ГејтсФотографија: MIA

Коњановски во рамките на посетата на САД оствари средба и со сенаторот Патрик Леахи, кој поднесе Резолуција за Македонија во Сенатот. Сенаторот од Вермонт Леахи му ја предаде Резолуцијата на министерот Коњановски и притоа истакна дека поддршката од САД и од него, како сенатор е јасна и недвосмислена и оти Република Македонија треба да биде вреднувана во согласност со сето она што го има направено изминатиот период. Тој посебно се осврна на македонското учество во мировните мисии и улогата што ја има во нив.

Министерот за одбрана се сретна и со помошникот - државен секретар во Бирото за Воено - политички прашања на Стејт Департментот Анрев Шапиро и имаше работен ручек со претставници на администрацијата од Стејт департментот и Пентагон. 

Автор: ЖА/БГ/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска