1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка, сигнали, датум?

Марина Максимовиќ / Александар Методијев20 јуни 2013

Додека во Брисел се надеваат на позитивна препорака за отворање пристапни преговори со Србија, германски дипломатски извори неофицијално зборуваат за „широка поддршка и позитивен сигнал“ до Белград, но не и датум.

https://p.dw.com/p/18tKq
Фотографија: Fotolia/Szabolcs Szekeres

ЕУ сака, на денешниот (20.06.) состанок на премиерите на Србија Ивица Дачиќ и на Косово Хашим Тачи, да направи „пресек на состојбата“ на линија меѓу Белград и Приштина. За тоа време работните групи на Белград и Приштина работат со „полна пареа“, секојдневно по цел ден и тоа паралелно на прашањата за правосудството, полицијата, телекомуникациите, енергетиката, организацијата на заедниците на српските општини на Косово. Со цел да се постигне што е можно повеќе од зацртаното во планот за имплементација се очекува работата на експертите од двете страни да продолжи до самиот состанок на двајцата премиери, кој е најавен за вечерва.

„Од тој пресек ќе зависи и содржината на писмото кое високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон и комесарот за проширување Штефан Филе викендов ќе го упатат до земјите-членки, кои следната недела ќе го разгледуваат натамошниот напредок на Србија и Косово на патот на евроинтеграциите“, изјави Маја Коцијанчиќ, портпаролка на шефицата на европската дипломатија.

Договорено, блиску до договор, уште без решенија

И додека во Брисел повторуваат дека процесот на преговори во овој момент е во тек, она што сега се знае е дека земјите-членки на ЕУ следната недела, кога ќе одлучуваат за почетокот на преговорите со Србија за членство во Унијата, пред себе ќе имаат хартија на која ќе стои дека двете страни во договореното време разменија офицери за врски. Истовремено, факт е и дека е формирана управувачка група, која до локалните избори ќе биде задолжена за логистика околу идното функционирање на заедницата на српски општини на Косово.

Treffen Ashton, Thaci und Dacic
Една од низата средби - новата треба да се случи денескаФотографија: European External Action Service

Што се однесува до пристапните преговори, решено е прашањето за затворање на канцеларијата во Косово на Министерството за внатрешни работи на Србија и договорена е процедура за избор на регионален командант на полицијата, кого ќе го избира српската заедница. Начелно е договорено и одржувањето на избори во српските општини на Косово, но деталите за организација останаа да се договорат.

Она што во писмото на Кетрин Ештон и Штефан Филе до земјите-членки би можело да стои како договорено прашање се телекомуникациите. Министерот за телекомуникации Расим Љајиќ вели дека договорот е близу и дека во прашање се нијанси.

„Имаме време до 20.06. и состанокот на двајцата премиери да го усогласиме текстот на целокупниот договор или за тоа ќе се одлучува на состанокот на премиерите“, објасни Љајиќ.

Serbien Minister Rasim Ljajic ARCHIVBILD
Српскиот министер за телекомуникации Расим ЉајиќФотографија: picture-alliance/dpa

И додека во областа на телекомуникациите е отворено прашањето за повикувачкиот број и работата на српските мобилни оператори на Косово, ситуацијата во преговорите за енергетиката е уште покомпликувана. Во прашање се стратешки ресурси и имот – кому ќе му припадне трафостаницата Валач, браната и езерото Газиводе крај Зубин Поток. На сето тоа доаѓаат и компликуваните преговори полни со детали кои се однесуваат на правосудството, каде е потребно да се донесат измени на законот од двете страни, а за почеток Приштина би требало да донесе Закон за амнестија.

Во ЕУ не шпекулираат за можната содржина на одговорот до Белград

Иако во ЕУ велат дека се свесни колкав напредок веќе е постигнат во дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и дека примената на договореното е компликуван и временски долготраен процес, во Брисел во овој момент никој не сака да шпекулира за тоа дали е направено доволно во имплементацијата на која се инсистираше и за тоа каква ќе биде одлуката на земјите-членки.

Од ирското претседателство со Унијата напоменуваат дека и тие би сакале ЕУ следната недела да се договори за позитивна препорака за отворање пристапни преговори со Србија. Од германски дипломатски извори засега неофицијално можат да се слушнат информации за „широка поддршка и позитивен сигнал“ од Берлин до Белград, но не и конкретен датум за Србија.