1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделени реакции по откажувањето на посетата на Сејдиу на Македонија

28 мај 2009

Владеачката коалиција во Македонија е пред нов предизвик, по откажувањето на посетата на косовскиот претседател Ф. Сејдиу на Македонија. Незадоволството во албанскиот политички блок е големо. Реагираат и аналитичарите.

https://p.dw.com/p/HzV6
Фатмир СејдиуФотографија: AP

Ја разбираме чувствителноста на косовските власти, во оваа деликатна фаза од нивниот развој како млада држава и како чувствителна ја оценуваме нивната одлука да ја откажат посетата на претседателот Фатмир Сејдиу на Македонија, реагираше македонското Министерство за надворешни работи. Со тоа им се дава големо значење на формалните белези на протоколарниот дијалог, а не на содржината на добрососедските односи, изјави за Дојче веле, портпаролот на МНР, Петар Чулев.

Од друга страна, очекувани се и реакциите во албанскиот политички блок. Македонија треба веднаш да ги нормализира дипломатските односи со Косово и со тоа да го амортизира негативниот ефект од откажувањето на посетата на претседателот Сејдиу на Скопје. Оваа прва пратеничка реакција од Сулејман Рушити од партијата Нова демократија го покажува незадоволството кај Албанците во Македонија, поради неодржаниот претседателски самит Иванов - Сејдиу. Се очекува и критика од страна на ДУИ, но извори од партијата за Дојче веле ја демантираат вчерашната информација на една телевизија во Македонија, според која, оваа партија ќе ја напушти владината коалиција.

Откажувањето на посетата на Сејдиу става крај на недостојните игри на македонската страна во однос на неговиот пречек од страна на шефот на македонската држава, објавува весникот „Лајм“. Истовремено и весникот на албански јазик „Коха диторе“ пишува дека со одлуката да не допатува во Македонија, косовскиот претседател го отфрлил потценувачкиот однос од страна на властите во Скопје. „За Македонија приоритет беше нормализацијата на односите со Белград“, вели во една телевизиска изјава Халил Матоши, новинар на „Коха Диторе“. Според него, властите во Скопје не можат очигледно да се ослободат од влијанието на српската политика на Балканот, што не ја признава реалноста на независно Косово. „Наш интерес е да воспоставиме дипломатски односи со Косово, наш интерес е да соработуваме со нив. Тоа исто така го препорачуваат и европските земји и членките на НАТО“, кажа и аналитичарот Башким Бекију. „Во секоја прилика, Косово, значи, ќе се труди да има некаква симболика, признавање на статусот на претседателот на Косово како државен. Состанокот е работен, значи на таков состанок воопшто нема потреба од официјални церемонии“, оцени професорот Жидас Даскаловски. Според него воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Приштина и Скопје би требало да биде еден од приоритетите на македонската надворешна политика.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска