1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделеност во САД околу реформите на НСА

А. Пасенхајм/Б. Георгиевски15 јануари 2014

Анкетна комисија на американскиот Сенат откри проблематични точки во работењето на НСА. Но законодавците не можат да се договорат за обемот и за карактерот на реформите.

https://p.dw.com/p/1Aqjw
Фотографија: picture-alliance/AP

Националната безбедносна агенција (НСА) мора да се реформира. Анкетната комисија е едногласна во таа точка, и покрај тоа што Конгресот не е.

Сенаторот Патрик Лихи, претседавач на правниот комитет пред кој беа интервјуирани безбедносните експерти, дава поддршка за реформите. „Верувам дека мора да поставиме поостри граници на владината шпионска моќ“, изјави демократот на почетокот на расправата. Но, оние кои беа повикани на сведочењето не сакаа да бидат толку строги. Петте автори на извештајот на 308 страници насловен: „Слобода и безбедност во светот кој се менува“, не сакаат да го загрозат работењето на НСА.

„Нашиот фокус беше насочен кон задржувањето на способноста на разузнувачката заедница да го прави тоа што треба да го прави. Потенцираме, доколку треба нешто да се потенцира, дека ниту една од нашите 46 препораки во извештајот не прават компромис ниту ги загрозуваат нашите способности да го правиме тоа“, изјави Кас Санстајн, професор по право и член на панелот. Целта на извештајот не е да ја уништи НСА, туку да ја подобри, додаде тој.

Комисијата беше составена од двајца уставни експерти, експерт за заштита на податоци, поранешниот заменик директор на ЦИА Мајкл Морел и анти-терористичкиот експерт Ричард Кларк. Нивниот извештај и беше презентиран на Белата куќа во декември. „Постоеше погрешна перцепција во јавноста дека ние сме побарале затворање на програмата. Тоа не е точно. Ние баравме промена во пристапот“, објасни Морел. Нивните препораки вклучуваат ограничување на разузнавачките активности во странство, и не само меѓу светските лидери. Експертите сметаат дека директорот на НСА во иднина треба да биде цивил, и делумно биран во Сенатот.

Сепак, најважната и конкретна реформа предложена од експертите е поврзана со собирањето и чувањето на податоците од прислушкувањето. Тие признаваат дека неограниченото собирање приватни податоци не е прифатливо, но што е поважно, истото досега не спречило ниту еден терористички напад. „Но, програмата треба да биде успешна само еднаш за да се покаже од непроценлива важност“, вели Морел.

Brarack Obama Jahrespressekonferenz
Прашање е дали Обама ќе успее да ги протурка реформите во НСА?Фотографија: picture-alliance/dpa

Пречки во имплементацијата

Без разлика какви реформи ќе најави претседателот Обама в петок на 17 јануари, тој е ограничен во имплементирањето на реформите. Во прв ред, потребна му е согласност од Конгресот. Но слично како и американската јавност, и Конгресот и Сенатот се поделени за реформите.

„Постои чудно сојузништво меѓу левицата и десницата кои сакаат да ја ограничат програмата за собирање податоци и да ја лимитираат шпионската програма, затоа што сметаат дека тие ги нарушуваат правата на Aмериканците“, вели Фред Флајц, поранешен вработен во ЦИА и член на конгресната комисија за тајните служби. Многумина во Конгресот ќе ги блокираат реформите доколку оценат дека не се доволно длабоки, но многумина ќе гласаат против нив и ако оценат дека ги уриваат безбедносните стандарди.

Флајц, кој сега е советник во Центарот за безбедносна политика, смета дека реформите можат да бидат одобрени, но очекува дека за тоа ќе биде потребно подолго време. Многу аналитичари се сомневаат дека Обама воопшто ќе успее тоа да го стори за време на целиот мандат.