1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подигнато обвинение против атентаторот од Бостон

ЕМФ/дв28 јуни 2013

По повеќе од два месеца од терористичкиот напад во Бостон, подигнато е официјално обвинение против осомничениот атентатор Џохар Царнајев. Тој се товари за убиство на четири лица и користење оружје за масовно уништување.

https://p.dw.com/p/18xoZ
Фотографија: picture-alliance/AP

Џохар Царнајев е обвинет по 30 точки, соопшти обвинителството во Бостон. За 17 од нив следува смртна казна или доживотен затвор.

Деветанесетгодишниот Царнајев, заедно со својот 26-годишен брат Тамерлан, е осомничен за поставување две бомби на целта на Бостонскиот мараон. Во нападот загинаа три лица, а повредени беа повеќе од 260. Во текот на бегството, браќата убија еден полицаец.

Браќата со чеченско потекло беа откриени со помош на видео камерите на местото на нападот. Постариот брат беше убиен  во текот на полициската потрага, додека Џохар Царнајев непосредно потоа беше фатен тешко повреден.

Иследниците сметаат дека нападот има радикално исламистичка позадина. Осомничениот атентатор треба да се појави пред судот на 10 јули, кога ќе му биде прочитано обвинението. Според медиумски извештаи, Џохар Царнајев пред да биде уапсен напишал дека нападот е одмазда за американските воени операции во Ирак и Авагнистан. „Кој ќе нападне еден муслиман, ги нападнал сите муслимани“, напишал наводно 19-годишникот на еден од ѕидовите во внатрешноста на бродот каде што бил сокриен.