1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобра клима за пописот во Македонија

11 јули 2011

Пописот на населението во Македонија, одложен поради изборите, се враќа повторно во фаза на преговори на претставниците на немнозинските заедници. Сите се оптимисти дека ќе се постигне договор за спорните точки

https://p.dw.com/p/11sqv
Националниот парламент во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Во средината на февруари годинава шест претставници на албанската етничка заедница и еден од турската излегоа од составот на Државната пописна комисија во знак на незадоволство, како што истакнуваа, бидејќи не беа земани предвид нивните барања за измени на постојниот закон за пописот. По изборите сега активностите на пописната комисија се реактивирани, овојпат и со присуство на претставници на централната статистичка институција на Европската Унија – ЕУРОСТАТ.

Се пристапува кон надминување на споменатото незадоволство, вели Весна Јаневска, претседателката на Државната пописна комисија, во врска со првичното законско, инаку оспорено решение:

„Тоа законско решение предвидува дека попишувачите ќе бидат од двете најголеми етнички заедници во општината. На пример, во општината Гостивар доминантно е албанското население, а второ според бројноста е македонското. Затоа чифтот на попишувачи би биле Македонец и Албанец. Во Делчево доминантно население е македонското, а второ според бројноста е ромското. Што значи, двајцата попишувачи во даден пописен круг би биле Македонец и Ром.“

Нема бојкот на пописот

Сали Мурати, член на комисијата за пописот од турскиот етникум, истакнува:

„Ние бевме незадоволни од бројот на попишувачи, од нивната распределба на рамниште на земјата, односно, со оглед на тоа како ние толкувавме дека треба да биде правичната и соодветна застапеност на етничките заедници на ниво на општините. Како припадници на турската заедница, ние тука бевме хендикепирани од првото решение и сега работиме на изнаоѓање ново решение: за да бидат и Турците вклучени во пописните операции, поочнувајќи од регионалните пописни комисии, во составите на инструкторите и попишувачите.“

Flash-Galerie Volkszählung
Спроведувањето на пописот ќе биде набљудувано од ЕУРОСТАТФотографија: picture-alliance/dpa

Јакуп Фетаи, член на комисијата од редовите на албанската етничка заедница, се надоврзува:

„Во законот треба да се направи мала измена - точно да се дефинира структурата на двајцата попишувачи во еден пописен круг. Ако тоа се направи така, технички нема да има никаков проблем. Но, ако не дојде до измена на законот за пописот, тогаш тешко дека ќе најдеме заеднички јазик.“

Дојче веле го праша Фетаи: значи ли тоа дека е можно да се случи бојкот на пописот, или да биде организиран некаков паралелен попис, како што се закани Демократската партија на Албанците, ако, евентуално, не се усвојат бараните измени?

„Тоа најмалку стои. Нема паралелен попис, туку сите сме заинтересирани да имаме добар попис. Но, тоа да биде дефинирано во законот. Зашто, во него е јасно кажано дека секој пописен круг треба да има двајца попишувачи, но, не е наведена структурата на тие попишувачи“, вели Фетаи.

Ќе се повтори конкурсот за ангажирање попишувачи

„Живееме многу во селските подрачја во земјата и ако таму немаме попишувачи, кои ги владеат турскиот јазик и теренот, тогаш ќе се судриме со тешкотии. Тогаш нема да има можност како население и етникум да бидеме афирмирани со пописот. Има позитивна клима за изнаоѓање на таквото решение“, објаснува Мурати

Весна Јаневска изнесува: „Не настанува никаков проблем: секој етникум кој живее во Македонија ќе биде застапен во определени чифтови на попишувачи во одредени региони. Ќе мора да изнајдеме решение и за оние помали етнички заедници, кои се вметнати во графата ’други’, или ’останати’. Со понуденото решение од досегашната работа на Државната пописна комисија само Македонците имаат помал број на попишувачи од тоа колкав е бројот на населението. Сите други, вклучувајќи ги и Турците, и Ромите и Власите – да не ги набројувам до крај – имаат процент на попишувачи поголем одошто е нивната егзактна бројка меѓу жителите во Македонија, изразено во проценти.“

Таа заклучува:

„Станува збор за вклучување, со наша добра волја, на поголем број попишувачи од различни етнички заедници. Ќе се обидеме да го надминеме незадоволството на нашите колеги – Турци и Албанци, барајќи ретки исклучоци, ако тоа биде воопшто можно, и ако тоа ги задоволи нивните чувства. Се уште сум многу голем оптимист дека во текот на нашата наредна интензивна работа ќе успееме да изнајдеме солуција. Климата е многу подобра, но процесот е значително бавен. Напредокот е одвива многу бавно, но, јас лично мислам дека го има и оти ќе се забрза во идниот период. Од најновиот состанок на пописната комисија произлезе дека ќе треба да спроведеме сериозна кампања за популаризација на пописот и за здобивање доверба меѓу граѓаните во однос на пописните резултати, веднаш штом ќе го решиме овој проблем со структурата на попишувачите.“

Mazedonien Land und Leute Tetovo
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Во однос на таа структура сите сме незадоволни – и Европската Унија и ние. Меѓутоа, останува доволно време – речиси еден месец и половина – да се состане повторно државната пописна комисија во целосен состав и единствено за што ќе треба да расправа е да ја определи структурата на попишувачите. Притоа, мислам на структурата на чифтот попишувачи, која треба да биде двонационална.“

Значи, барем декларативно, веќе се создава позитивна клима за надминување на несогласувањата во врска со оваа исклучително значајна статистичка операција во Македонија, а потоа и за повторување на конкурсот за ангажирање на повеќе од 16 илјади попишувачи. Спроведувањето на пописот ќе биде финансирано со 14 милиони евра од државниот буџет и ќе биде набљудувано од ЕУРОСТАТ.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски