1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Folter Zusatzprotokoll

26 јуни 2009

Различни форми на суров третман на политичките противници има во преку 80 земји. За да го спречи тоа, ООН од 2002 година и’ додаде на Конвенцијата против тортура уште еден факултативен протокол.

https://p.dw.com/p/Ibc6
Озлогласениот „вотербординг“ е само еден вид тортураФотографија: picture alliance / dpa

Експертите на ОН за заштита на човековите права дојдоа до заклучок дека не е доволна заканата со казнување на извршителите, туку дека е неопходен и концепт за превенција. Тоа им појде од рака да го реализираат во 2002 година, кога заговорниците на таквиот концепт успеаја да му се спротивстават на отпорот на тогашниот американски претседател Џорџ Буш. Против дополнителниот протокол, подоцна гласаа и претставниците на Кина, Русија, Куба, Либија, Египет и Пакистан - што зборува за ситуацијата со тортурата во овие земји. По прифаќањето на дополнителниот Протокол за превенција во Генералното собрание, тој чекаше уште четири години додека го ратификуваа првите 20 земји членки на Светската организација, што беше минимум за да може да стапи на сила.

Проширена дефиниција

Протоколот зема предвид дека сторители можат да бидат не само државни органи и служби, како и дека категоријата измачувани лица не се сведува само на затвореници, туку сурово однесување има и во психијатриски болници или во старечки домови. Земјите-потписнички се обврзуваат дека ќе воведат мерки во националното законодавство, кои преку засилен надзор на спорните установи превентивно ќе дејствуваат за спречување на кршењата на човековите права за лица кои се лишени од слобода.

Tschetschenischer Kriegsgefangener
Лица лишени од слобода има и надвор од затворите: чеченски затвореник прима хранаФотографија: picture-alliance/ dpa

Состојбата во Германија

Во меѓувреме и Германија му пристапи на факултативниот протокол на Конвенцијата на ОН против тортура. Меѓутоа националниот Институт за човекови права, специјалниот пратеник на ОН и домашните невладини организации критикуваат дека до сега не биле успешно реализирани одредбите од протоколот. Вистина е дека нечовечкиот третман и измачувањето во Германија се многу, многу ретки појави. Но, затоа постојат „сиви зони“ кога се во прашање протерувањето од земјата на лица, чие барање за азил било одбиено, или пак ситуацијата во одделни затворски установи.

Експертите и невладините организации пред се’ посочуваат дека Германија и другите земји членки на ЕУ треба да одиграат улога на пример за останатите земји во светот, кога е во прашање почитувањето на факултативниот протокол на Конвенцијата на ОН против тортура.

Автор: Улрике Маст Киршнинг / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска