1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под заедничко небо со заеднички вредности

2 ноември 2011

„Постои поделеност и недоволна отвореност меѓу македонскиот и албанскиот етникум во Македонија. Потребен е многу поголем заемен превод на книжевните дела на јазиците на двата народа“, вели за Дојче веле Ресул Шабани.

https://p.dw.com/p/132yy
Ресул ШабаниФотографија: DW/Sveto Toevski

Еден од добитниците на годинашнава висока државна награда „11 – ти октомври“ за животно дело во областа на уметноста од јавен интерес за Македонија е и Ресул Шабани. Тој спаѓа во редот на најдобрите писатели од албанскиот етникум во оваа земја. Автор е на повеќе од 20 книги со поезија, раскази, романи и драми. Исклучително е значајна и неговата преведувачка дејност. Шабани го доби и годинашново највисоко признание „Златен венец на поезијата“ на Балканскиот фестивал на поезијата, одржан во јули во градот Корча, во Албанија. Дојче веле разговараше со овој истакнат книжевен деец и интелектуалец во врска со неговите видувања во областа на интеркултурната комуникација на македонскиот и албанскиот народ, за меѓуетничките односи, како и за моќта на литературата и преводот да разгрнат нови перспективи на тоа поле.

„Албанците ги читаат своите писатели, а Македонците своите“

Каква е „дијагнозата“ на Ресул Шабани за духовните состојби во заедничкиот „меѓупростор“, во кој би требало да се среќаваат и да се проткајуваат македонската и албанската култура во земјата?

„Тој културолошки простор постои, но не е доволно култивиран од двете етнички заедници. Постои поделеност: секој создава на својот јазик и, што е уште полошо, само за себе. Мене ме читаат Албанците, а Веле Смилевски го читаат Македонците. Албанците се затворени кон Македонците, но и Македонците кон Албанците. Меѓутоа, таквата заемна затвореност не е херметичка, туку се работи за затвореност во смисла на недоволно отворање едни кон други. Треба да настојуваме оваа состојба некако да ја менуваме.“

Mazedonien Struga
Струшките вечери на поезијата треба да бидат мост на поврзувањеФотографија: DW

Шабани се залага за поголема циркулација на културните и други вредности во двата правца:

„Создаваме секој посебно, но, тоа творештво може да се испреплетува во една заедничка вредност, бидејќи живееме под едно исто небо. Зошто богатството на еден народ да остане само негова сопственост, зошто тоа да не се приопшти и да не стане дел на културното богатство и на другите народи? Македонската поезија има такви вредности што јас сакав преку преводот и албанската книжевност да поседува еден дел од него. Матеја Матевски е познат и признат поет на сите меридијани. Зошто да го нема и во албанскиот културен простор? Или, Раде Силјан, Блаже Конески, Кочо Рацин?“

Но, тој дополнува:

„Истото го мислам и за албанската поезија: еден Фатос Арапи, кој што е исклучителен поет и е добитник на ’Златниот венец на Струшките вечери на поезијата’, зошто да не биде многу повеќе преведен и на македонски јазик? Зошто и Македонците да не ја почувствуваат неговата поезија и да и се восхитуваат, на тоа богатство на албанскиот народ?“

Со преводот како мост меѓу културите до бришење на предрасудите

„Наспроти многу подобрите состојби од порано, сега заемниот превод е сосема намален“, истакнува овој автор:

„Годишно од македонски на албански јазик и во обратна насока, се преведуваат едвај три до пет наслови, што е многу, многу малку. Пред дваесет – триесет години се преведуваше многу повеќе отколку сега. “

Tetovo
ТетовоФотографија: DW

Шабани прецизира во која смисла постои дефицит во преведувањето на дела од албански на македонски јазик:

„Подобрите поети – Албанци, воопшто земено, се преведени на македонски јазик., при што треба да ги споменеме, покрај Фатос Арапи, и Дритеро Аголи, Висар Жити, Фљутура Ачка и други. Но, што се однесува до прозата, од неа е преведено многу малку: само 4 – 5 романи на Исмал Кадаре и на тоа се застана.“

Тој го истакнува својот став зошто е потребно засилување на преведувачката дејност во овој контекст:

„Преводот како мост може да придонесе за запознавање и зближување на двата народа. Честопати велам дека е потребно повеќе да се преведуваме, бидејќи со тоа би се избришале предрасудите, кои постојат кај двете страни. Со подоброто меѓусебно запознавање повеќе и би се уважувале и така и оние потенцијални меѓусебни судири можат да се избегнат, да се намалат.“

„Само цивилизациските и духовните вредности ќе ни овозможат да опстоиме пред премрежијата што не очекуваат во иднината“ – имаше кажано овој литературен деец при примањето на наградата „11 – ти октомври“. И тогаш и секогаш останувајќи категоричен дека тие вредности треба да бидат заеднички во мултикултурна и мултиетничка Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски