1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Под исто сонце“

Свето Тоевски29 јуни 2008

Помалите малцинските заедници во Македонија си ги бараат своите права. „Живеење во мултиетничка средина“ е проектот кој со поддршка од ЕК, се спроведува во земјата за да се подобри состојбата на овој план.

https://p.dw.com/p/ESnA
Имаат ли сите млади исти шанси за образование?Фотографија: Petar Stojanovski

Помалите етнички заедници во Македонија бараат права според Рамковниот договор. Тие предупредуваат дека од одлуката за рамноправна застапеност на малцинствата во администрацијата профитираат само од албанската заедница. Се жалат дека во земјата владее прикриена, но постојана етничка дискриминација наТурците, Ромите и другите помали етнички заедници. Овие етникуми бараат и за нив да важи рамковниот договор, а не само за Албанците – ова се посуштествените искуства, поточно, поплаки и барања, регистрирани во текот на спроведувањето на кампањата насловена „Под исто сонце“ во рамки на проектот „Живеење во мултиетничка средина“. Со финансиска поддршка од Европската комисија овој проект, од јануари 2007 година го спроведуваат Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и невладината организација „Заеднички вредности“ од Скопје во речиси сите општини во земјата. На маргините на една средба со членови на комисии за меѓуетнички односи од десеттина општини во тетовско – гостиварскиот регион проектниот менаџер од Институтот Отворено општество Македонија Сунчица Костовска – Петровска за Дојче Веле, сумира:

„Помалите заедници, пред се турската и ромската имаат големи забелешки во однос на вклучувањето во јавните институци“.

И помалите етнички заедници бараат придобивки од Рамковниот договор

Аднан Нухи, претседател на комисијата за меѓуетнички односи на општина Тетово, кој е дел од турската етничка заедница, вели:

„Помалите заедници не се толку изразени ниту во Советот на општината, ниту во делот на вработувањата, каде што овие заедници воопшто не се ни споменуваат. Очекуваме со целосна имплементација на Охридскиот договор, да дојдат до израз и помалите заедници, како што се турската и ромската“. Проект координаторот, Сунчица Костовска – Петровска додава:

„Реално, на локално ниво луѓето се жалат најмногу на скриената дискриминација, на пример, во образованието: седењето на дечињата од немнозинските заедници во последните клупи, одвојувањето во посебни одделенија, некаде одвојување во посебни училишта. Сегрегацијата се уште е присутна во Куманово, Струга, а и во тетовско – гостиварскиот регион: децата од различна етничка припадност учат во различни смени, или во училишта“.

Регистрирани се и позитивни примери

Нијази Асани од општина Гостивар посочува на едно од отворените поглавја на Охридскиот договор:

„ Поскоро донесување на законот за јазиците, за да се регулира кој јазик е официјален“. Во Јегуновце, единствената општина со мнозинска македонска популација во тетовскиот регион, без оглед каков декрет ќе донесе политиката, албанскиот јазик си го наоѓа своето место, природно и спонтано – во наставата за македонските ученици во неколку основни училишта. Децата си го признаваат едни на други правото на употреба на мајчиниот јазик, без меѓусебни лингвистички, или етнички аверзии. Мемет Јонузи од интеретничката комисија на општина Јегуновце истакнува:

„За првпат во Македонија македонските ученици следат курсеви на албански јазик, а Албанчињата учат на македонски јазик. Заеднички изучуваат англиски јазик, а годинава ќе отвориме за првпат и мултиетнички паралелки“.
Проектот „За живеење под исто сонце“ се реализира со обуки на возрасните во 45 општини. Споменатата пракса во Јегуновце е надвор од тие обуки, но е добар патоказ како треба да се подобрува статусот на малцинските заедници во општеството и нивната меѓусебна толеранција.