1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поезијата остро огледало на животот и нацијата

3 јуни 2011

На македонскиот поет Бранко Цветкоски недоамна во Москва му беше врачен орденот „Владимир Мајаковски“. Тој е првиот македонски поет и еден од ретките на Балканот што го доби ова престижно признание од Руската федерација.

https://p.dw.com/p/11KQu
Бранко ЦветковскиФотографија: Petr Stojanovski

Поетот, критичарот, есеист и преведувач, Бранко Цветкоски, од неодамна во богатата колекција од македонски и меѓународни награди за својот творечки ангажман го придодаде и орденот „Владимир Мајаковски“. Московската организација на Сојузот на писателите на Русија му го додели за неговиот придонес во развјот на светската литература за 2010 година. Цветкоски е првиот македонски автор-добитник на орденот и еден од ретките на Балканот: „Навистина, за мене претставува извесно и големо задоволство. Тоа воедно е признание за македонската литература, посебно за поезијата и за македонскиот јазик и македонскиот национално-духовен кодекс. Тоа го поткрева и значењето на македонската култура и едно духовно заедништво кое што со векови траело меѓу Русија и Македонија“, вели Цветкоски.

NO FLASH Symbolbild Bücher lesen
Фотографија: Fotolia/felinda

Творењето поезија, навика или порив ?!

Од првата стихозбирка „Свијок“, издадена во 1981 година, неговото непрекинато поетско творештво до добивањето на орденот, симболично, токму се заокружува со издавањето на „Свијок “ на руски јазик што се случи лани. Во богатата библиографија има над трисетина поетски книги, есеи и критики на македонски и уште толку преводи и препеви. Неговата поезија е преведувана на: српски, бугарски, грчки, арапски, полски, турски, азерски, украински ...

Дојче веле го праша: „Дали по толку изданија, пишувањето е навика или порив да се каже и остави уште нешто? „Со годините поезијата станува се‘ поостро огледало на сопствениот живот и на животот на нацијата и на една култура. Сепак останува врвната магија дека поезијата одразува едно време прекршено низ една индивидуална судбина. Во таа смисла, таа останува траен порив, таа не може да прекине. Иако, животот не‘ носи на оваа или на онаа страна, во оваа или онаа насока со кариерите и со нашите снаоѓања. Но, сепак поезијата останува трајно да привлекува“.

Литературата на македонски, најдобар одговор на сеништата од минатото

Цветкоски е роден во 1954 година во Слатино, Охридско, завршил Филолошки факултет, бил новинар во „Нова Македонија“, главен уредник во книгоиздателството „Култура“, директор на Македонскиот народен театар, еден од основачите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, сопственик на издавачката куќа „Макавеј“, член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар и почесен член на Сојузот на бугарските писатели. Сега е директор на библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Frankfurter Buchmesse Bücherstapel
Фотографија: AP

Оттука и провокацијата да го прашаме и да ја побараме потврдата дали творештвото на македонски јазик е единствениот одговор за оние кои што го негираат постоењето на Македонија, нацијата: „Наспроти сета политичка констелација, со годините македонската интелегенција, творците, го носеа знамето на сопствениот идентитет. Во таа смисла литературата ми се чини најмногу. Горд сум што денес извесни табуа во соседството веќе се надминуваат. Како што ние го предаваме од колено на колено нашето творечко кредо на нашиот македонски јазик, така и ние ја зацврстуваме вертикалата на нашето постоење, корените ни одат колку подлабоко, толку поцврсто и колку повисоко со годините, толку посигурно. Треба да ги гледаме односите со балканските соседни народи во една позитивна насока. Тоа и се случува во полза на македонскиот народ. Последниве десеттина години на бугарски јазик и обратно се објавени и преведени над педесетина книги. Не гледам причини тоа да не е така и со другите, а веќе и е. Можеби со Грција малку заостануваме од познати причини. Но мислам дека творештвото и цврстината на еден духовен интегритет сето тоа ќе го надмине“, вели Цветкоски.

Автор : Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска