1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарот го загрозува водоснабдувањето на Сан Франциско

ЖА/ртре/апе/дпа/афп27 август 2013

Огромниот пожар во Сиера Невада во Калифорнија не е ставен под контрола ни десет дена по избувнувањето. Во меѓувреме е загрозено и водоснабдувањето на Сан Франциско.

https://p.dw.com/p/19X5O
Фотографија: Reuters

Пожарот кој го зафати и Националниот парк Јосемити во Калифорнија не стивнува и сега се заканува да го загрози и речниот резервоар од кој со вода се снабдува поголемиот дел на Сан Франциско.

Огнената стихија, на која дополнителен проблем ѝ прави и силниот ветер, се приближи на само шест километри од резервоарот, од кој со вода се снабдува 85 отсто од Сан Франциско, кој има 2,6 милиони жители, како и неколку околни места. Анализите покажале дека квалитетот на водата засега е добар, но се стравува дека пепелта би можела да го загади вештачкото езеро.

Околината на Сан Франциско и градот освен тоа се зависни и од лиферувањето на енергија од хидроцентралите во близината на Јосемити. Две од електраните, како што јавуваат властите, морале да ја прекинат работата поради претрпените штети од пожарот.

Гувернерот на Калифорнија Џери Браун пред три дена поради пожарот прогласи вонредна состојба во Сан Франциско. Загрозени се повеќе од 5.000 домови, а на терен се наоѓаат околу 2.800 пожарникари кои се борат со огнот. Според проценките, пожарот досега зафатил околу 600 километри квадратни, а под контрола се само 15 проценти од зафатената површина.

Waldbrände im Yosemite National Park geraten außer Kontrolle
Загрозен е и Националниот парк ЈосемитиФотографија: picture alliance/ZUMA Press

Во Националниот парк Јосемити, познат во светот по мамутските дрвја, опустошени се веќе 50 квадратни километри. Шумарите инсистираат на заштита на овие дрвја, кои се сметаат за најстарите на Земјата.

Паркот сѐ уште е отворен за посетители, но пристапните патишта се веќе блокирани. Тоа значи и огромна финансиска загуба, зашто околу 4 милиони луѓе годишно го посетуваат паркот Јосемити. Американските медиуми вкупните економски штети ги проценуваат на над 20 милиони долари.