1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожар во француска нуклеарка

Александар Методијев/афп/миа8 јуни 2013

Во француската атомска централа Катеном, во близина на границата со Германија, вчера попладне избувна пожар. Пожарот настанал во трансформатор надвор од нуклеарните постројки, информираат од нуклеарната централа.

https://p.dw.com/p/18m6k
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ризик од радијација не постои, а во инцидентот нема повредени работници. „Огнот не беше многу голем, но беше видлив голем чад“, објаснија одговорни лица во нуклеарната централа. Реакторите по избувнувањето на пожарот биле веднаш исклучени. Вработените во нуклеарната централа и пожарникарите успеале да го стават огнот под контрола.

Министерката за енергетика во германската покраина Рајланд-Пфалц Евелин Лемке ја оценува француската нуклеарна централа Катеном како „дефектна атомска централа“ и смета дека е „крајно време“ оваа нуклеарна централа да се исклучи од употреба поради бројните инциденти кои се повторуваат.

Со нуклеарната централа управува француската државна енергетска групација ЕДФ. Таа е најголем светски оператор со атомски централи. Групацијата управува со 58 реактори само во Франција.

Нуклеарната централа Катеном во источниот дел на Франција има четири блока со нуклеарни реактори кои се изградени во периодот од 1979 до 1991 година.