1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожар голтна дел од светското културно наследство во Вајмар

3 септември 2004
https://p.dw.com/p/AeVH
Рококо салата во Вајмар
Рококо салата во ВајмарФотографија: dpa

Во светски познатата библиотека што го носи името на Војвотката Ана Амалија во германскиот град Вајмар изби во четвртокот голем пожар, во кој настрадаа книги што му припаѓаат на светското културно богатство. Најтешко е погодена славната Рококо сала на вториот спрат, на која по гасењето на пожарот и се заканува опасност од уривање.

Од вкупно 120.000 дела од непроценлива културна вредност, погодени се околу 12 до 15.000, изјави директорот на Библиотеката Михаел Кнохе:

“Штотуку се вратив со еден пожарникар од првата галерија и успеав барем да ја спасам Библијата на Мартин Лутер од 1534 година. Таа беше добро препознатлива во темниот простор и ја зедовме тукуречи во последен момент. Остатокот на книгите се надеваме дека е само оштетен од водата за гаснење на пожарот и дека ќе можеме некако да ги спасиме!“

Само брзата реакција на пожарникарите успеа да ја спречи потполната катастрофа во една од најубавите библиотеки во Средна Европа, на далеку познатата Рококо сала. Причините за огнената стихија се уште не се познати, а претседателот на Фондацијата, Хелмут Зееман, призна дека мерките за заштита од пожар биле слаби:

“Факт е дека оваа зграда имаше слаба заштита од пожар. Тоа е поврзано со фактот што станува збор за градба од средината на 18-тиот век, на која во последните 80 години има спроведено малку градежни работи.“

Всушност главната зграда на т.н. “Зелен дворец“ , во кој Војвотката Ана Амалија ја пресели Библиотеката основана во 1691-та година, требаше до година да почне да се санира, со посебно внимание на мерките за заштита од пожар. Со тоа требаше да му се пружи трајна заштита на непроценливото културно богатство на најважната збирка германски литературни дела во перидот од средината на 18-тиот до средината на 19-тиот век, која е нераскинливо поврзана и со животот и делото на Јохан Волфганг Гете. Освен тоа збирката, во своите вкупно еден милион книги и ракописи, содржи оргинали што сведочат и за времето на реформацијата во Германија. Тука е на пример неповторливата збирка на библии од тоа време, која сведочи за настојувањата на дворот во Вајмар да ја поддржи реформацијата со нови изданија на Светото писмо. Дел од неа меѓутоа сега неповратно е изгубена во пламената стихија:

“Штетета што е причинета за културното богатство не може да ја плати никаква компанија за осигурување. Тоа ни не може да се плати со пари и тоа е всушност најголемата трагедија во сето ова“ - посочи градоначалникот на Вајмар, Фолкхард Гермер.