1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожар уништи древна тибетанска населба

ЖА/дв/миа11 јануари 2014

Огромен пожар целосно уништи древна тибетанска населба во регионот Шангри Ла. Во огнот настрадале над 100 традиционални дрвени куќи, јавуваат кинеските државни медиуми.

https://p.dw.com/p/1Ap13
Фотографија: Reuters

Во пожар што беснееше повеќе од десет часа изгоре до темел древниот тибетански град Дукезонг, стар повеќе од 1.000 години и многу популарен меѓу туристите.

Засега нема извештаи за човечки жртви, а причините за пожарот се‘ уште не се познати. Пожарот избил по полноќ по локално време во градот познат по добро зачуваните стари улици, згради и тибетанска култура.

Градот Дукезонг се наоѓа во округот Шангри Ла во провинцијата Јунан на југозапад во Кина. Во извештаи на локални медиуми може да се видат слики од пожарот во кој изгореле повеќе од 100 куќи. Во гаснењето учествувале повеќе од 2.000 пожарникари, војници, полицајци и локални официјални лица кои не успеале да го стават пожарот под контрола ниту десет часови откако избил.

Дукезонг значи „Месечев град“. Населбата била основана пред 1300 години и била важна етапа на јужната рута на Патеката на свилата.

Неодамна во блиската провинција Сечуан изби пожар во друга тибетантска населба, будистичкиот центар Сертар институт. За причините на пожарот се води истрага. Центарот Сертар меѓутоа повеќепати беше цел на репресалии на кинеските власти. Институтот во негова близина, основан во 1980. година, се смета за еден од најважните светски центри на тибетантскиот будизам. Според проценките, таму живеат над 10 илјади монаси, калуѓерки и студенти. Кинеските власти постојано со сила се справуваат со Тибетанците, кои го обвинуваат Пекинг за социјално и економско запоставување и обид за уништување на културата и традицијата на Тибет. Тибетанскиот духовен водач Далај Лама по неуспешниот бунт во 1959. година живее во егзил во Индија.