1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивен сигнал за Македонија од НАТО

Горан Петрески 21 септември 2007

Делегација на Воениот комитет на НАТО, во дводневна посета на Скопје. Генералите бараат да се продолжи со реформите.

https://p.dw.com/p/Bi6R
Седиштето на НАТО во БриселФотографија: AP

Македонија е добар кандидат за членство во НАТО, делегацијата на Воениот комитет на Алијансата е задоволна од она што го виде на првиот ден од дводневната посета на земјата.

Претседавачот генерал Реј Хено денеска ќе се сретне со македонскиот претседател Бранко Црвенковски да му ги пренесе позитивните впечатоци од досегашните резултати и да побара завршување на реформите. „Остатокот од 2007 и 2008 се многу важни години за Македонија и за НАТО. Секако Македонија е добар кандидат за членство, но дали во 2008-ма ќе добие покана, ќе се одлучува на политичко ниво врз основа на вашите постигнувања, на кои знам дека работите напорно “ изјави НАТО генералот.

Со престојот на Хено во Скопје се совпадна редовниот состанок на владиниот комитет за НАТО, тело кое ги координира активностите во сите институции неопходни за членство во Алијансата. Доцна синоќа министерот за надоворепни работи Антонио Милошоски го повика парламентот да содаде работна клима за имплементирање на реформите.

Македонскиот воен врв ја најави намерата на Македонија да го интензивира учеството во мировните операции на НАТО. Началникот на армискиот генералштаб Мирослав Стојановски оцени дека поддршката на НАТО е многу значајна за спроведувањето на реформите во македонската армија и изрази надеж дека таа поддршка нема да изостане се до исполнувањето на крајната цел, пристапување на Македонија во Алијансата.

Вообичаено, Воениот комитет на НАТО ги посетува земјите кандидати непосредно пред нивното зачленување во НАТО, што се толкува како сигнал дека Македонија на пролетниот самит во Букурешт ќе добие покана за прием.

Високата НАТО делегација за време на дводневниот престој во Скопје е во очекување дали политичките лидери ќе најдат компромис за клучните закони неопходни за ингтеграција на земјата во евроратланските структури.