1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни знаци, но и натаму неизвесно дали ќе има конкретен договор за климата

5 јуни 2007

Заштитата на климата, се чини, ќе биде најважната тема на самитот на Г8 во Хајлигендам.

https://p.dw.com/p/AoLS
Ангела МеркелФотографија: AP

Германскиот канцелар Ангела Меркел оцени дека ја има подршката од Канада во однос на задолжителни цели за заштита на климата. На средбата на советот ЕУ- Канада беа постигнати резултати кои радуваат, оцени Меркел по средбата со канадскиот премиер Стивен Харпер во Берлин. Обајцата биле согласни дека активностите за заштита на климата треба да се одвиваат во рамките на ОН.

“Во битните црти сме согласни во врска со неопходноста за спречување на промената на климата и сме на мислење дека научните сознанија сосем јасно покажуваат оти има феномен на промена на климата, предизикан од човекот. Согласни сме и дека ни е потребно да ги редуцираме емисиите на јаглен диоксид до средината на веков за 50 проценти во однос на емисиите од 1990-та година” - рече Меркел по средбата со Харпер. Германскиот канцелар опомена: “Тоа е глобален проблем, тоа се глобални предизвици и времето притиска”.

Меркел знае дека во залагањата за заштита на климата зад себе ја има подршката од ЕУ. Претседателот на Комисијата на Унијата Жозе Мануел Барозо нагласи: “Ако навистина сакаме да оствариме прогрес во спречување на промената на климата, потребни ни се вистински мултилатерални напори со задолжителни и мерливи цели”. Во таа смисла тој забележа позитивни тенденции во светот во последно време: “Сега нешто се менува и во САД и Кина, двете водечки земји според емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на оранжерија. Тоа се чекори напред”.

Непосредно пред почетокот на самитот и САД искажаа интерес за постигнување согласност во спорните прашања за заштитата на климата. Советникот за национална безбедност Стивен Хедли рече дека претседателот Буш со својот предлог не сакал да ја стави Ангела Меркел во втор план, како и дека неговиот план не бил против поднесените предлози, туку ја одразувал се’ поголемата согласност по климатските прашања во рамките на Г8.