1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни искуства на германски фирми од работењето во Македонија

Зоран Јордановски27 ноември 2006

Не е се’ “мед и млеко”, но има многу погодности за стопански ангажман на германски фирми во Македонија, велат оние што се веќе присутни таму

https://p.dw.com/p/AeK9
Текстилната индустрија-една од поинтересните за соработка
Текстилната индустрија-една од поинтересните за соработкаФотографија: AP

Привлекувањето странски инвестиции е една од приоритетните цели на секоја македонска влада од осамостојувањето на државата. Но, досега изостана вистинска навала на претприемачи од странство кои таму би го вложиле својот капитал и би разивале бизниси. Дури откако земјата се здоби со статус на кандидат за пристап кон ЕУ, се зголеми динамиката на директни странски вложувања и интересирањето за деловно ангажирање.

Кои се адутите на Македонија, каде се кочниците за странските инвеститори? За тоа најречито зборуваат искустватата на веројатно најупатените – германски експерти и стопанственици кои дејствуваат на лице-место.

Вкупниот волумен на германско-македонската трговска размена изнесува околу 700 милиони евра со суфицит на македонска страна од околу 30 милиони во минатата година. Цел во меѓусебната размена е волуменот да достигне 1 милијарда евра. 18 проценти од вкупниот македонски извоз одат во Германија. Но, она што не задоволува е нивото на германските директни инвестиции во Македонија: Германија е на 7-мо место со вкупно само 58 милиони долари. Најмногу инвестирала Австрија - 325 милиони долари. Инаку, 51 насто или 813 милиони долари од досегашните странски инвестиции се во услужни дејности, во производство се вложени само 362 милиони.

Во почетокот на 2001-ва година во Скопје е организирано претставничко биро на германското стопанство, со 3-ца локални соработници. Тоа е информативен пункт за сите практични прашања во врска со економијата, востановен по налог на германското министерство за стопанство и дел на германската мрежа на трговски комори. Негова задача е критички, но неутрално да ја претставува ситуацијата во Македонија. Негова проценка е дека во Македонија помал ризик за кредитирање отколку во соседните земји. Бирото се грижи и за упатување покани за саеми, прави студии за одредени бранши, обезбедува информации за нови начини на финансирање, се занимава со проблеми при наплата на долгови и побарувања, разговара со владата.

Марен Диале – Шелшмит, претставник на германското стопанство за Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија, повеќе години престојува во Македонија. За своите впечатоците вели: “Моите впечатоци се многу попозитивни отколку што претходно очекував. Пазарот е мал и се’ уште во трансформација, но има голем потенцијал за наредните години. Ние се надеваме дека германските инвестиции, кои се’ уште се вистински минимални – приоритетите на Германија во моментов се во трговијата – во наредните години и со статусот на кандидат за прием во ЕУ, значително ќе се зголемат”.

Диале – Шелшмит е во контакт со германските стопанственици што се веќе деловно ангажирани во Македонија. Што најчесто слуша таа од нив? “Позитивно најчесто слушаме дека таму има многу добар потенцијал на работна сила, може многу добро да се работи, по правило се наоѓаат македонски партнери во кои може да се има многу доверба, потоа дека Македонија логистички и стратегиски се наоѓа на многу поволно место за претпријатија кои дејствуваат во целиот регион. Негативни теми се нестабилната економска и политичка ситуација, поединечни случаи на корупција и понекогаш малку тешката конкретна реализација на добри идеи на владата”.

Институцијата за која дејствува Диале-Шелшмит се сфаќа себе си како сервис за германските претпријатија на лице-место и за оние во Германија кои покажуваат интерес за Македонија. Што најмногу прашуваат германските претпријатија и претприемачи пред да се решат за ангажирање во Македонија? “Има многу прашања за цената на работната сила, за работните услови, но и за сигурноста на кредитирањето и за општата проценка на нашето биро за пазарот – и, се разбира, и какви цени треба да се платат за производи што би ги увезле” – вели таа.

Динамиката на директни странски вложувања и интересирањето за деловно ангажирање во Македонија се зголеми откако земјата се здоби со статус на кандидат за пристап кон ЕУ. Марен Диале – Шелшмит го регистрира тоа и кога се во прашање германските фирми: “Интересирањето во секој случај се зголеми. Се разбира, претпријатијата ги набљудуваат споредбено сите пазари во регионот, но ние во последната година добивме повеќе прашања за пазарните моижности, отколку во годините пред неа”.

Во 2001-ва година е основано Германско-македонско здружение. Тоа има околу 130 членови, кои не се сите непосредно присутни во Македонија. Во него членуваат и претставници на македонската дијаспора - вратени во татковината, каде основаа свој бизнис. Меѓу нив беше спроведена анкета, која донесе вакви показатели:

-40 проценти имаат позитивна оцена за деловната ситуација, 55,5 задоволителна, само 4,5 насто лоша оцена. Подобрување во наредниот пероиод очекуваат 74.5 насто. Речиси 60 проценти од испитаниците очекуваат зголемен промет, само 16 проценти опаѓање. Но, дури 74,5 проценти ја оценуваат како лоша општата економска состојба во Македонија, за само 25,5 таа е задоволувачка, за добра не ја смета никој! Патем, слични се оценките и со анкетата во Србија.

Иако 60 процени од анкетираните планирале повисоки инвестиции во Македонија, а скоро 65 насто очекуваат подобрување во развојот во 2006/07-ма, сепак, околу 50 проценти од нив би избрале друга локација, а не Македонија - поради поголем пазар и подобри услови. Како релеванти фактори при одлучувањето се наведени состојбата со корупцијата, општата економско-политичка ситуација, незадоволство од правниот систем и од транспарентноста во јавни тендери. Наспроти ова, големо е задоволството од деловните партнери, позитивен фактор е и пазарот на работна сила. Вакви оцени генерално важат и за сите, во цела Источна Европа - од Естонија до Македонија.

Конкретен пример за предностите на кои наидуваат и проблемите со кои се соочуваат странските инвеститори кои производно се ангажираат во Македонија е искуството на фирмата Биркарт Лоџистикс од градот Ашафенбург во покраината Баварија. Таа од пред 2 ипол години има нов, модерен логистички центар во Штип. Нејзината дејност е повеќе од класична шпедиција и претставува вистинска логистика. Има и машини за кроење, а потоа материјалот го дава на лон-доработка. Во новиот објект се инвестирани повеќе од 1 милион евра. 25-те соработници прават промет од 4 милиони евра годишно - убава бројка за логистичка фирма. Биркарт лоџистикс очекува пораст од 10 насто годишно.

“Ние имаме веќе 10-годишно искуство од Македонија. Таму започнавме многу успешна инвестиција, во меѓувреме имаме просперитетен развој и тоа не охрабрува натамошно да го развиваме проектот” – вели Шефан Бекер, претставник на фирмата.

Тој вака обајснува од каде дошла идејата за стопанско ангажирање во Македонија: “Ние сме услужно претпријатие од логистиката, претежно за текстилна индустрија. Со оглед на тоа дека во Македонија текстилната индустрија е силно застапена, а Германија е еден од главните пазари за пласман, за нас само по себе се наметна таму да го насочиме стратегискиот развој – не само по налог на германските претпријатија да се транспортираат текстилни производи од Македонија, туку и со логистичко присуство таму да се понудат и други логистички услуги и да се создаде база за уште поуспешни модели”.

Секој ден од Штип тргнуват 30 камиони со текстил во насока кон Германија. 40 насто од текстилот од Македонија оди за Германија. Околу 100 германски фирми таму користат лон-работа. Развојот сепак оди од лон кон повисок степен на работа, пософистицирани продукти за извоз. На потенцијалните странски инвеститори, посебно во текстилот, им стои на располагање високо квалификувана работна рака под многу поволни финансиски услови. Голема предност е дека стоката со камион за само три дена стигнува од Македонија во Европа. Кина е поевтина, но е далеку: од таму до Хамбург модел може да стигне за 180 до 240 денови!

Висок квалитет, кратки патишта, брза реакција – адути на регионот, во кој Биркарт лоџистикс има намера да се шири. Во што се состоеја убедливите аргументи за фирмата на лице-место, во Македонија? “Во многу интересно, атрактивно опкружување за инвестирање – се претпочитаат странски инвеститори, на располагање ни беа ставени извонредни рамковни услови и со менаџмент од регионот имавме најдобри предуслови да ги искористиме сите можности”.

Но, далеку од тоа дека е се’ “мед и млеко”. Шефан Бекер наведува и каде се слабите страни во стопанскиот ангажман во Македонија. “Суштествена слабост е што и натаму има монополистички пазарни структури кои водат кон тоа да ти се забавува и ограничува развојот. Феноменот корупција не само што го запознавме, туку и го доживеавме. И бирократијата исто така е феномен кој треба да се подобри во било која форма, за да можат поефикасно да се искористат добрите можности”.

Текстилната индустрија, глобално погледнато, се сели онаму, каде има најповолни услови. Биркарт лоџистикс планира ангажман во Македонија на долг рок. Претежнуваат, очигледно, позитивните моменти. Во однос на Македонија, Шефан Бекер им порачува на другите германски претприемачи: “Нашето искуство е многу позитивно, можеме само да повикаме и да апелираме и тие да го сторат истото, да ја искористат тамошната извонредна инфраструктура. Земете го нашиот позитивен пример, следете не – се исплати!”