1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни оценки за посетата на Дачиќ

Костадин Делимитов28 јануари 2013

Аналитичарите ја оценуваат како позитивна посетата на српскиот премиер Дачиќ на Скопје. Дел од нив сметаат дека Македонија треба да го искористи моментот и да побара непречена прослава на Илинден во Прохор Пчињски

https://p.dw.com/p/17Syg
Фотографија: MIA

Посетата на српскиот премиер Ивица Дачиќ на Македонија може да се оцени како европски чекор кој испраќа јасна порака и е добар импулс за добрососедските односи, коментира за Дојче Веле универзитетскиот професор Виолета Ачкоска. Според неа, престојот на Дачиќ во Скопје е многу важен посебно ако се анализираат работите во контекст на однесувањето на членките на ЕУ, Грција и Бугарија кон Република Македонија и нејзиното име, историја, идентитетот на Македонците.

„И покрај историските хипотеки, наспроти минатото кое не можеме да го промениме ја прифаќаме сегашноста и нудиме иднина“, вели Ачкоска и додава:

„Тоа значи дека постои Република Македонија како факт на Балканот, во неа живеат Македонци кои заедно со Србите биле дел од балканската историја, која може да ги дели, но и да ги спојува народите. Дачиќ и Груевски наместо политика и национализам, понудија концепт за економска соработка и пат низ почитување на различните ставови да се бара решение за црковниот спор. Би било пожелно вакви средби да има помеѓу сите балкански лидери. Да се бараат начини за економска, културна, техничка и друга соработка, за меѓусебно поврзување и просперитет на регионот, за подобар живот на луѓето. Конечно Балканот да стане срце на Европа, а не нејзина периферија. Енергијата треба да се троши за создавање релаксирана клима, почитување на човековите права, демократска атмосфера, нудење нови програми според вредностите на 21 век, а не на политичките интриги околу Република Македонија како, на пример, наводниот спор со името, историјата, па глумењето навреденост и слично“. коментира Ачкоска.

Mazedonien Gruevski und Serbien Nikolic
Македонскиот премиер Никола Груевски и српскиот претседател Томислав Николиќ, лани во СкопјеФотографија: MIA

Реципроцитет за прославите?

Позитивен импулс гледа и Виктор Димовски, поранешен дипломат кој беше и на амбасадорската функција во Белград. Односите и соработката со Србија според него се добри и во моментов можеби најдобри во однос на сите останати земји во соседството, а единствено прашање кое ги оптоварува е меѓуцрковниот проблем:

„Со оглед на секуларниот карактер на двете држави не мислам дека властите би можеле посериозно да се инволвираат во негово решавање, секако ако се исклучи можноста за охрабрување на црковните авторитети да пристапат кон изнаоѓање решение. Сепак, со оглед на тоа што пред некој месец на српската страна и беше овозможено во Македонија да ја прослави и годишнината од Кумановската битка, не би требало да се пропушти можноста да се побара непречено прославување на нашиот празник Илинден во манастирот Свети Прохор Пчињски“, смета Димовски.