1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни реакции на разговорите за Тибет

Астрид Фрајајзен5 мај 2008

По неофицијалните разговори меѓу кинеското раководство и претставници на Далај Лама на викендов, од обете страни доаѓаат изјави на оптимизам.

https://p.dw.com/p/Dtbj
Религиозен водач, но и мудар политичар: Далај Лама на прес-конференцијаФотографија: AP

Кинеската јавност останува неинформирана за содржината и исходот на првите разговори меѓу претставници на официјален Пекинг и на тибетанскиот поглавар Далај Лама. На државната телевизија имаше само резиме на водителката на емисијата. Широката јавност не дозна што точно рекол претседателот на државата Ху Ѓинтао на прес-конференцијата со јапонски новинари:


„Ху Ѓинтао соопшти дека официјални лица на централната влада се сретнале со приватни претставници на Далај Лама и тоа по повеќекратни молби од страна на Далај Лама. Ху се надева дека овој разговор ќе донесе позитивни резултати. Во Кина има стара поговорка што вели: треба да се слушаат зборовите на луѓето, но и да се гледаат нивните дела. Разните гледишта ги оценуваме не само според тоа што слушаме, туку и што гледаме.“


Агресивен пропаганден тон и оптимизам


Во државните медиуми во Кина и понатаму владее агресивниот тон кон Далај Лама. Кинескиот весник што излегува во Тибет „Џизанг рибао“ повторно го обвинува дека е инструмент во рацете на анти-кинеските сили и дека главна цел му е отцепување на Тибет од Кина. Далај Лама во повеќе наврати и порано ги отфрли ваквите обвинувања.


Но, наспроти ваквата пропагандна кампања тибетанската влада во егзил позитивно ги оцени разговорите. Нејзиниот премиер Самдонг Ринпоче изјави дека е оптимист и дека се надева оти од разговорите ќе произлезе нешто добро. Преговарачите од тибетанска страна изнеле предлози како да се постигне мир.


„Неофицијални разговори“


Кинеските медиуми инсистираат постојано на тоа дека не станува збор за преговори меѓу Кина и Тибет, туку за разговори со приватни пратеници на Далај Лама. Идентитетот на учесниците во преговорите меѓутоа зборува сосема друго: како пратеници на Поглаварот на Тибет на разговорите дојдоа Шенжен Лоди Гјари, шеф на прговарачкиот тим од Тибет и на тајните преговори што се водеа изминатите години. Тој е и неофицијален амбасадор на Далај Лама во Вашингтон. Вториот, Келсанг Гјалтсен, пак, е претставник на тибетанската влада во егзил при ЕУ и повеќе од 40 години живее во Цирих. А од кинеска страна станува збор за двајца високи функционери на Обединетиот фронт на Комунистичката партија, тело што се занимава токму со политиката кон малцинствата. Едниот од двајцата е родум Тибетанец и како кинески дипломат со години живеел и работел во странство, меѓу другото и во кинеската амбасада во Цирих.