1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни сигнали од Скопје и Софија

БГ/макфакс29 јули 2013

Најавата за заедничка прослава на историски настани е позитивна, оценува бугарскиот европратеник Евгени Кирилов, кој сепак ги критикува македонските власти дека „симулираат“ напор за подобрување на односите

https://p.dw.com/p/19Fi8
Фотографија: MIA

Идејата Бугарија и Македонија заедно да слават историски настани е чекор во вистинска насока, но засега нема реакција од македонската страна, изјавил за „Фокус“ Евгени Кирилов, бугарски европратеник од групата на Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент ( ЕП ).

Тој посочил дека доволно би било земјата да манифестира политичка волја, и лидерите да донесат политичка одлука во однос на ова прашање. Во овој момент повеќе се работи на тоа македонската страна да симулира дека полага некаков напор, отколку навистина да направи чекор во вистинската насока, смета Кирилов. Бугарскиот европратеник и со критики за македонските политичари и историчари, велејќи дека голем број од нив во Македонија изградиле кариера на антибугарска основа.

Коментарите на Кирилов доаѓаат по средбата меѓу владините тимови предвидени од премиерите Пламен Орешарски и Никола Груевски, на која се дискутирало токму за политичката соработка меѓу двете земји, но и за продлабочувањето на истата во eкономската сфера.

Бугарскиот премиер Орешарски потенцирал дека Бугарија останува на тоа двете страни да го потпишат договорот за добрососедство, а предложил и организација на заеднички прослави на историски настани и личности кои различно се интерпретираат во двете земји.

Македонскиот премиер Груевски пак, посочил дека средбата ќе придонесе за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји, и дека мора да се работи на интензивирање на економската соработка.