1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивно ехо на поканата на СПЦ

1 август 2009

Висока македонска парламентарно-владина делегација ќе ја одбележи 65 годишнината од АСНОМ на Прохор Пчињски. Поканата на Српската православна црква наиде на позитивни одгласи во црковните кругови во Македонија.

https://p.dw.com/p/J1Rd
Соборниот храм во СкопјеФотографија: DW

Македонската православна црква го поздравува гестот на добра волја од страна на Српската црква. Во црковните кругови во Скопје позитивно одекна соопштението од 31.07.09, објавено на интернет страницата на СПЦ кое изобилува со гостопримливост.

Македонскиот државен врв пак веќе го испланира составот на делегацијата, што јубилејот од АСНОМ ќе го одбележи во манастирот Свети Прохор Пчињски. Во српскиот манастир, во кој пред 65 години беа удрени темелите на современата македонска држава, утре (02.08.09) ќе замине мешана парламентарно владина делегација на високо ниво. „Постои можност претседателот на Собранието, Трајко Вељановски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во недела да ја предводат македонската државна делегација која ќе го одбележи Илинден во манастирот Прохор Пчињски“, изјави за Дојче веле владиниот портпарол, Мартин Мартиновски.

Одлуката на СПЦ претставува дополнителен импулс

За МПЦ отворањето на манастирските порти е очекуван гест на добра волја и потврда на добрите односи меѓу двата братски народа. Исто така и дополнителен импулс за продлабочување на релациите меѓу двете цркви, објаснува за Дојче веле портпаролот на Светиот Архиерејски Синод, владиката Тимотеј. „Ние секогаш сме подготвени за разговор и за надминување на спорот но тоа не зависи само од нас туку и од другата страна“, изјави за Дојче веле владиката Тимотеј.

Пред утрешниот државен празник останува нејасно дали во манастирот во спомен собата ќе бидат вратени реквизитите и плочата, кои сведочат за големиот историски настан што се случил на Илинден 1944-та, крај реката Пчиња во близина на македонско-српската граница. Пет години гостите од Македонија не беа добредојдени во Прохор Пчињски. Во 2004-та година, тогашниот претседател Бранко Црвенковски, беше доведен во ситуација да се ракува со расчинетиот владика Јован, кој од редовите на МПЦ се одметна меѓу српските владици. За да бидат избегнати ваквите провокации македонската влада одлучи да не оди во Прохор Пчињски се дури српската црква не понуди искрено гостопримство како годинава. Двете цркви долго време водат спор за статусот на МПЦ. Последниве месеци од двете страни се зборува за извесно затоплување на односите, кое може да биде вовед во решение на долготрајното несогласување.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска