1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поинаков Мајдан - како демонстрираат приврзаниците на Јанукович?

Роман Гончаренко / Елизабета М. Фиданоска13 декември 2013

Во Киев не демонстрираат само опозиционерите, туку и приврзаниците на претседателот Виктор Јанукович. Тие исто така сакаат во Европа, само не сега.

https://p.dw.com/p/1AZDF
Фотографија: DW/R. Goncharenko

„Нашиот глас не сака да го слушне никој“, вели Наталија, жена на крајот на своите 40-ти. „Западните медиуми не‘ игнорираат.“ На сметка на првиот евродипломат Кетрин Ештон, Наталија вели: „Таа треба да добие апаратче за слушање и очила, за да ги види и чуе луѓето овде.“ Ештон пред неколку дена во Киев го посети плоштадот на независноста Мајдан, на кој протестираат противниците на претседателот Виктор Јанукович, но кај неговите приврзаници не дојде.

Наталија е една од, според проценките, 3.000 до 5.000 луѓе кои во паркот Маријински, покрај украинскиот Парламент, со денови демонстрираат во знак на поддршка на Јанукович и владејачката Партија на регионите. Таа е домаќинка и живее во Киев. Повеќето од луѓето во паркот, меѓутоа, се од источните и јужните региони на Украина, каде се упориштата на Јанукович.

Ukraine Kundgebung Janukowitsch Anhänger 12.12.2013
Наталија од Киев: „Никогаш не би демонстрирала за пари!“Фотографија: DW/R. Goncharenko

Според извештаи на украинските медиуми демонстрантите наводно за тоа добиваат пари. Луѓето со кои разговараше Дојче веле негираат такво нешто. „Никогаш не би демонстрирала за пари“, вели Наталија. Ако се поставуваат натамошни потпрашања, се чувствува агресивност на другата страна. Учесниците на протестите поинаку се однесуваат кон западните медиуми, отколку кон домашните.

За да се слушнат демонстрантите, всушност, воопшто не е потребно апаратче за слушање. Дури и претседателот, чие седиште е на неколку стотини метри, може да ги слушне говорите и гласната музика од паркот. „Контра-Мајдан“ се наоѓа во блокираниот владин кварт, на височинка над центарот на градот. Неговата положба е проблем за демонстрантите, зашто дури и во нормални денови овде има малку минувачи. За разлика од политичките противници, приврзаниците на Јанукович демонстрираат практично меѓу себе. Ги слушаат можеби само полицајците кои го чуваат и надгледуваат владиниот кварт. Освен тоа, собирот на приврзаниците се одржува зад ограда повисока од два метра. Повеќе автобуси со специјални едници на полицијата ги имаат затворено околните улици. Активисти на опозицијата тука не доаѓаат.

Ukraine Kundgebung Janukowitsch Anhänger 12.12.2013
Се демонстрира во блокираниот владин квартФотографија: DW/R. Goncharenko

Да за Европа, но...

„Да за Европа, не за безредија“ - тоа е пораката на демонстрантите верни на претседателот. Таа е испишана на големи плакати и постојано е повторувана од говорниците на бината. Протестите на плоштадот на независноста, како што се вели овде, е пуч инспириран и финансиран од Западот.

„Овде дојдовме за да спречиме државен преврат од страна на опозицијата“, вели Људмила, постара жена од Киев. И таа е „за Европа, но не под вакви услови“. Слично и претседателот Јанукович ја аргументираше својата одлука за замрзнување на Договорот за асоцијација со ЕУ. „Ние се‘ уште не сме зрели за приближување кон ЕУ, нашето стопанство е преслабо“, вели едно момче од Полтава, од срцето на Украина.

Ukraine Kundgebung Janukowitsch Anhänger 12.12.2013
Да за Европа, не за безредија - гласи мотото на приврзаниците на ЈануковичФотографија: DW/R. Goncharenko

Дел од демонстрантите имаат свои, погрешни претстави за ЕУ. „Во Европа кокошките мора да имаат за себе простор од еден метар, а тоа нашите земјоделци не можат да си го дозволат“, раскажува Наталија. „За да се продава млеко, во Европа мора да се има апарат за масажа на кравите“, вели таа со сета сериозност.

Приврзаник на Јанукович не по своја волја

Не сите што демонстрираат во паркот Маријински на опозиционерите гледаат како на противници, или дури и непријатели. Не стојат сите безусловно зад Јанукович. „На Мајдан има нормални луѓе кои имаат право да демонстрираат“ вели еден маж. Друга жена додава: „Јанукович направи грешка кога се обиде да го расчисти Мајдан.“

Се среќаваат и луѓе кои се против Јанукович. „Мислам дека политиката на Јанукович е лоша“, вели човек кој е на крајот на своите 50-ти. Тој сака да остане анонимен и не сака да каже од кој град е. „Ако тоа ви го кажам, веднаш ќе останам без работа“, вели тој со насмевка. Кажува само дека работи во фирма за тешка индустрија на југот на Украина, чиј сопственик е член на партијата на Јанукович. „Овде не‘ донесоа со автобуси“, вели тој, игнорирајќи го прашањето дали за тоа добиваат пари. На крајот на разговорот дури признава дека е приврзаник на затворената Јулија Тимошенко.

Генерално, кампот на приврзаниците на Јанукович изгледа како копија на опозиционерскиот Мајдан. И овде има шатори и топла каша, а од звучниците ечат украински патриотски песни. И овде има знамиња на Украина и на ЕУ. А сепак е ова поинаков, друг Мајдан. Тоа се забележува најдоцна тогаш, кога на разглас ќе биде пуштен говор од Јанукович. Нема свирежи, туку аплауз. Иако - без воодушевување.