1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поканите за членство во НАТО се’ уште не се адресирани

Б. Ригерт / З. Јордановски7 март 2008

Министрите за надворешни работи на земјите на НАТО не можеа да донесат решение - постои расположение за прием на 3 земји од Западен Балкан, но спорот околу името на Македонија засега го попречува саканиот напредок.

https://p.dw.com/p/DK6D
Знамиња на земјите членки на НАТОФотографија: AP
На неполни 4 недели пред самитот на НАТО министрите од 26-те земји-членки, како што и се очекуваше, во Брисел не успеаја да најдат одговор на прашањето кои држави ќе можат наредната година да и’ пристапат на Алијансата. Хрватска, Македонија и Албанија, според нивните политички и армиски предуслови, се зрели за пристап, но спорот меѓу Грција и Македонија во врска со нејзиното официјално име ја компликува работата. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер изјави: „Посакувам да ги примиме сите три држави. Но, доколку не дојде до согласност во спорот околу името, тогаш проблемот се решава сам од себе - тогаш такво решение нема да биде донесено, оти поради неопходните едногласни решенија ни е потребен и гласот на Грција“. Грција сака да постигне преименување на Македонија, оти и нејзината северна провинција го носи истото име. Атина во игра уфрла историски задршки и еден тешко сфатлив спор околу националните симболи. Бакојани: без решение за името нема грчка согласност Спорот мора да биде решен до самитот на НАТО на почетокот на април, инаку Македонија не ќе може да добие покана за членство. Дора Бакојани, шеф на грчката дипломатија, на средбата во Брисел искажа принципиелна подршка на политиката за проширување на НАТО, но побара и почитување на принципот за добрососедски односи. На македонската влада и’ префрли за непријателска политика спрема Грција, за иредентизам, со што ја оневозможила Грција да даде согласност за прием.
Belgien NATO Außenminister Treffen in Brüssel Dora Bakoyannis
Дора Бакојани во БриселФотографија: AP

„Не сме среќни поради тоа, никој не сака вета. Но, ако не се најде решение за името, тоа ќе биде несовладлива пречка за евроатлантската амбиција на оваа земја“, истакна Бакојани. Во писмено обраќање до македонската јавност таа укажа дека обете страни треба да изберат меѓу минатото и иднината и сугерира определба за иднината, за да се отвори патот кон НАТО со заедничко решение. „Сакаме да ја видиме поранешната југословенска Република Македонија како добар пријател, силен сојузник и иден солиден партнер“, вели Бакојани во пораката.

Изрична подршка за Грција од Кушнер, индиректна и од бугарскиот министер Калфин Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс оцени дека „Македонија ги исполни критериумите“ и, иако се’ уште има работи што треба да се завршат, „е подготвена да биде во Алијансата“. Рајс искажа уверување дека со добра волја Македонија и Грција можат да го решат спорот. Десет земји искажаа став дека решение на проблемот со името е услов за членство, оти такви проблеми не треба да се внесуваат во НАТО. Грчката позиција изрично ја подржа францускиот министер Бернар Кушнер. И неговиот бугарски колега Ивајло Калфин смета дека Грција е во право да бара токму сега решение за спорот и оти за Македонија членството било толкав залог, што таа требала да бара компромис. И тој стави акцент врз добрососедски односи, префрлувајќи и на македонската влада дека не била доволно енергична против тие што воделе антибугарска кампања. Шефер не губи надеж Генералниот секретар на НАТО Јап де хоп Шефер искажа уверување оти на самитот во Букурешт ќе може да биде соопштено дека се шири семејството на НАТО. Спорот околу името е проблем кој не е одговорност на НАТО, но ако не се реши до Букурешт, ќе биде, оти НАТО донесува решенија со консензус, вели Шефер. Наводно, НАТО има и алтернативно сценарио: ако не се реши спорот до самитот во Букурешт, поканата да биде упатена на адреса на „трите земји“, без тие да бидат посебно именувани. Шефер е уверен дека покрај Хрватска Македонија и Албанија, и другите држави од регионот - Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, ќе можат да бидат натамошно доближувани до Алијансата: „Евроатлантската интеграција на регионот, иако никој не знае кога точно ќе биде тоа, е единствениот рецепт за мир и стабилност“, рече Шефер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема