1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покраински избори во Северна Рајна Вестфалија

23 мај 2005

Коментар на Хајнц Дилонг

https://p.dw.com/p/AcFO
Шредер ја најавува можноста за предвремени избори
Шредер ја најавува можноста за предвремени избориФотографија: AP

Вчера во Северна Рајна Вестфалија падна и последната црвено-зелена покраинска влада. Демохристијаните и либералите на изборите добија јасно мнозинство. Резултат со последици, не само за најнаселаната сојузна покраина. Зашто претседателот на СПД Минтеферинг и канцеларот Шредер веднаш најавија дека сакаат нови избори за сојузниот парламент.

Резултатот не можеше да биде појасен: црвено-зелената покраинска влада загуби, демохристијаните и либералите ќе ја формираат следната покраинска влада. Анкетите одамна го најавија овој резултат.Така, по 39 години СПД нема да има свој премиер во Диселдорф. Катастрофа за социјалдемократите кои оваа покраина ја сметаа за своја тврдина. И повторно во барањето на причините погледите се насочени кон Берлин. Сосема нормално со оглед на високиот број невработени што ги згрозува гласачите, високиот државен долг кој ги плаши, како и социјалните системи што ги уништуваат.Одговорите од Берлин, таканаречената „Агенда 2010„ не ги задоволија очекувањата, па на Рајна и Рур продолжи она што се покажа на претходните покраински избори. Во таква ситуација шефот на СПД Франц Минтеферинг и канцеларот Герхард Шредер настојуваат на нови избори за сојузниот парламент. Тоа може да се нарече храбар потег. Во моментов малку што зборува во полза на тоа дека црвено-зелената влада ќе биде потврдена. Извесно е само дека новите избори ќе ги расчистат состојбите. Тие или ќе го потврдат канцеларот со што внатрепартски многу ќе го засилат, или СПД ќе добие нова шлаканица. Во секој случај, нови избори на СПД и нудат можност да ги зацврсти сопствените редови. Зашто во тековна изборна битка не е време да се водат интерни конфликти, вклучувајќи го и обидот за демонтажа на канцеларот или за промена на курсот. Значи, нови избори се скок напред, всушност, тие нудат шанси. За партиите на Унијата ЦДУ и ЦСУ сега е важно бргу да именуваат кандидат за канцелар. Според она како стојат работите, тоа може да биде само претседателката на демохристијаните Ангела Меркел. На конкурентите во партијата во неколкуте месеци до изборите, до колку дојде до нив, им останува малку простор да се истакнат. Па, дури и ако Унијата вели дека е добро подготвена за избори и за можно преземање на владата, некои од конфликтите меѓу ЦДУ и ЦСУ остануваат нерешени. Нови прашања се поставуваат и за зелените и либералите. Во Северна зелените Рајна Вестфалија претрпеа лесни загуби. Тоа одамна не им се случило и се објаснува со заострувањето на изборот меѓу личностите Штајнбрук и Ритгерс. Ваква персонализација може да се очекува и на сојузните избори, што не е добар знак за зелените кои во трката мораат да влезат со оштетениот од аферата со визите министер за надворешни работи Јошка Фишер. Либералите вчера мораа да прифатат јасни загуби. За чудо тоа за нив не мора да биде вознемирувачко. Тие во покраинската влада ќе настапат на страната на Јирген Ритгерс, а со оглед на можните сојузни избори ќе мораат да се профилираат токму во најнаселената сојузна покраина.

И покрај сето значење што го има симнувањето од власт на последната црвено-зелена коалиција за покраината, сега доминираат политичките последици на сојузно ниво: имено кон предвремени избори за сојузниот парламент, кои по изненадувачката најава на СПД, се стремат и другите партии.

Хајнц Дилонг