1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покраински избори: потврдена позицијата на досегашните премиери Бек, Етингер и Бемер

Зоран Јордановски27 март 2006

Вчерашните избори за парламентите во три германски сојузни покраини донесоа и одредена промена во односот на силите и многу низок одѕив на избирачите

https://p.dw.com/p/Ac7o
Етингер, Бемер и Бек
Етингер, Бемер и БекФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Во Рајнланд-Пфалц социјалдемократите на премиерот Курт Бек освоија 45,6 насто од гласовите. „Тоа е фактички величествен резултат. Мислам дека е ова заедничко остварување на социјалдемократите во Рајнланд-Пфалц. Тоа е и доказ дека, како што секогаш велев, нема голема криза на СПД како што и’ се припишува на сојузно ниво. Но, сметам дека пред се’ ова е доказ оти со повеќегодишна континуирана работа луѓето можат да бидат убедени“ – рече големиот победник Курт Бек. Социјалдемократите сега имаат апсолутно мнозинство, па сепак најавија дека денеска ќе водат разговори со либералите за евентуално продолжување на коалицијата.

ЦДУ падна на 32,8 проценти и нејзиниот врвен кандидат Кристоф Бер веднаш по сознанијата за исходот поднесе оставка од сите функции. Либералите освоија точно 8 проценти, додека Зелените со само 4,6 насто од гласовите воопшто не успеаја да влезат во новиот состав на покраинскиот парламент на Рајнланд-Пфалц. На гласање излегоа 58 насто од избирачите.

Во Баден Виртемберг владеачката ЦДУ предводена од Гинтер Етингер се избори за 44,2 процента, но сепак тоа не и’ донесе апсолутно мнозинство. „Им се заблагодаруваме на нашите избирачи во целата покраина за јасниот налог што ни го дадоа. Баден Виртемберг е прекрасна земја, има силна ЦДУ, ние сакаме со оваа земја да одиме во иднината и со благодарност го преземаме налогот да формираме влада“ – рече Етингер, кој и досега беше покраински премиер, но ова му беше прв тест пред избирачите, оти на средина од мандатот дојде на премиерската функција на местото од Ервин Тојфел. Судејќи според се’ тука и во наредниот мандатен период ќе остане истата црно-жолта коалиција.

Социјалдемократите со Уте Фогт како врвен кандидат доживеаја драматични загуби и паднаа на само 25,2 насто од гласовите. „Утре ќе се состанеме со покраинското партиско раководство и новоизбраните пратеници и потоа ќе разговараме околу нашата поставеност. Мислам дека по еден ваков пораз е добро сите прво да ја преспиеме ноќта“ – рече синоќа Уте Фогт. Зелените освоија 11,7 проценти, а либералите еден процент помалку од нив. Одзивот на гласачите изнесува само 53 проценти.

Во Саксонија-Анхалт ЦДУ предводена од досегашниот, веројатно и иден премиер Волфганг Бемер претрпе лесни загуби, но со 36,2 процента остана најсилна партија. „На покраинава и’ е потребно стабилно мнозинство, стабилна влада за наредните 5 години. Во моментов тоа не е осознатливо ни во една, ниту во друга насока. Освен за бројките на мандати во парламентот, ќе мораме да поразговараме и за други проблеми, и дури кога работите ќе бидат расчистени, ќе може да се донесе дефинитивно решение“ – рече Бемер.

Во оваа покраина досегашната црно-жолта коалиција го загуби мнозинството и многу е веројатно дека ќе биде заменета од голема коалиција на ЦДУ со СПД - како и на сојузно ниво, иако е можна, но малку веројатна, и црвено-црвена коалиција на Левичарската партија со СПД. Втора политичка сила таму останува Левичарската партија со 24,1 насто, социјалдемократите добија само 21,4 проценти. Во покраинскиот парламент влегоа уште либералите, за кои гласаа 6,7 насто од избирачите - кои пак покажаа најмало интересирање за изборите досега, со учество од само 44 проценти.