1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покрај напредокот во Германија нема реална рамноправност меѓу мажите и жените

8 март 2007

На денешен 8. март слави 20-ти роденден и германското Министерство за жени и за семејни прашања. На прославата дојде канцеларката Ангела Меркел, патем прва во досегашната германска историја, и тоа во придружба на сите жени во нејзиниот владин кабинет.

https://p.dw.com/p/Abyh
Нова фигура за идентификација на модерните жени: Министерката Урсула фон дер Лајен
Нова фигура за идентификација на модерните жени: Министерката Урсула фон дер ЛајенФотографија: AP

Сите заедно посакаа Министерството за жени да стане излишно до наредниот 30-ти голем јубилеј, затоа што состојбата со рамноправноста меѓу жените и мажите во Германија доволно се подобрила.

Дека ни во Германија како модерно и развиено општество не владее еднаквост меѓу мажите и жените во многу подрачја од животот покажуваат студените бројки:

а) во управните одбори на 200-те најголеми претпријатија во земјата има вкупно 11 жени;

б) во раководствата на 30-те најуспешни концерни што се котираат на берзата и се опфатени со т.н. ДАКС индекс нема ниту една жена;

в) меѓу професорите на германските универзитети има само 14% жени, иако тие веќе со години на ред дипломираат со подобри резултати од нивните машки колеги.

Затоа Министерството за женски и семејни прашања е се‘ уште неопходно:

“Не можев ни да сонувам дека денес, кусо пред мојот 60-ти роденден, уште ќе морам да дискутирам за оваа тема затоа што се‘ уште нема реална еднаквост меѓу жените и мажите“ - вели актуелната министерка за здравство Ула Шмит.

Актуелната шефица на Министерството за жени, Урсула фон дер Лајен, успева да ја искачи темата меѓу најдискутираните во германското општество. Таа имено се бори за создавање услови жената да може да ги спои семејниот и професионалниот аспект од животот. Урсула фон дер Лајен е дипломирана лекарка и мајка на седум деца и со својот животен пример покажува дека тоа е можно. При тоа нагласува дека е многу важно мажите да се навикнат на принципот на еднаквост:

“Од една страна велат дека се фасцинирани од модерните партнерки, од друга со право се прашуваат каква е мојата улога во ова изменето сценарио.“

Министерката вели дека денешните мажи добиваат шанса да го доживеат навистина татковството и повеќе да се грижат за децата. Значи на Германија и‘ се потребни нови, поинаку еманципирани мажи, смета и канцеларката Меркел:

“Рамноправноста на жената не е можна без изменето однесување на мажите. Затоа мора да има сеопфатни можности за избор и за татковците.“

На ова поле има и забележлив напредок, мора да се признае. Се‘ до 70-тите години жените во Германија мораа да добијат правна дозвола од сопрузите дека им дозволуваат да одат на работа – нешто што е денеска незамисливо:

“Благодарна сум што денеска не разговараме повеќе за тоа дали жената може да биде истовремено мајка и да работи и дали има право да бира, туку дикустираме за тоа како тоа да остварува!“