1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политизација на виртуелниот простор

6 јануари 2011

Времиња на една информатичка револуција, поттикната од се’ подобри комуникациски технологии. Но, 2010 годинa би можела да влезе во историјата, со тоа што светската јавност ја сфати воената димензија на оваа револуција.

https://p.dw.com/p/zoq5
Фотографија: AP

Постои еден поим со кој се поврзува милитаризацијата на виртуелниот простор: „Стакснет“. Оваа програма ненадејно се појави изминатото лето, најверојатно откако ја имаше завршено работата: целна саботажа на иранската атомска програма, поконкретно - технички комплицираниот процес на облагородување ураниум. Она што ја вџаши стручната јавност: „Стакснет“ е програма за манипулирање на индустриските системи. Нејзиниот досега непознат создавач богато ја опремил со алатки за инфекција дури и на принципиелно згаснати мрежи.

Stuxnet Virus
„Стакснет“ вирусотФотографија: picture-alliance/Maximilian Schönherr

Со оглед на тоа што индустриските системи нападнати од „Стакснет“ се применуваат во целиот свет, на пример во електроцентрали, хемиски фабрики и рафинерии - анализите за опасност од закани сега треба да бидат преработени, смета Штефан Ритер од Центарот за безбедност и информациона технологија во Бон:

„Сега постои доказ. Тоа веќе не е фиктивна закана, за која зборуваат неколкумина експерти во канцеларија, туку е реална закана и таа закана е екстремно голема.“

Сајбер закана, една од трите најголеми опасности на денешницата

Во меѓувреме, на заканите од сајбер просторот реагираше и НАТО. На самитот во Лисабон Северноатланскиот сојуз усвои нова стратегија. Таа ги вбројува сајбер нападите меѓу трите најголеми опасности на денешницата, покрај тероризмот и оружјето за масовно уништување. „Препознавме дека сајбер просторот е една од најзначајните теми, со која мора да се занимаваме“, вели Медлин Олбрајт, поранешната американска министерка за надворешни работи и претседател на Комисијата што ја изработи НАТО-стратегијата.

DOSSIER Teil 1 Wikileaks Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во американската армија за тоа се грижи посебен орган, т.н. „Сајбер команд“, формиран во мај годинава, под раководство на генерал Кејт Александер, воедно шеф и на моќната американска тајна служба НСА. „Ние во ’Сајбер команд’ сме одговорни за надзор на секојдневните операции и заштита на информативните мрежи на министерството за одбрана и за систематско планирање, интеграција и синхронизација на сите сајбер активности.“

Викиликс ја разбранува светската јавност

Меѓутоа, доколку „Сајбер команд“, смееше да прави што сака, тогаш би сториле се’ да ги блокираат серверите на Викиликс, интернет платформата, која од јули почна да објавува американски тајни документи за војната во Авганистан:

„Објавувањето на овие документи, потенцијално може да нанесе тешки и опасни последици на нашите трупи и нашите партнери на борбеното поле“, оцени американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс.

NO FLASH Google Street View Kamera Datenschutz Überwachung
Фотографија: picture alliance / dpa

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж возврати: „Министерот за одбрана Гејтс зборува за хипотетичка ситуација. Меѓутоа, земјата во Ирак и Авганистан е потопена со вистинска крв. Министерот за одбрана Гејтс во овие земји имаше надзор над убиствата на илјадници деца и возрасни.“

Во октомври Викиликс ги објави ирачките воени дневници. Речиси 400.000 документи фрлаат нова светлина врз војата во Ирак. Никогаш до сега не биле објавени толку многу тајни американски воени документи.

Најголемиот успех досега Викиликс го постигна на крајот на ноември, кога почна со објавување на нови 250.000 доверливи и тајни соопштенија на американските амбасади од целиот свет. Објавувањето нa оценките и проценките на американските дипломати ја погодија надворешната политика на Вашингтон во најосетливиот нерв: во довербата што ја уживаат кај нивните партнери.

Дипломатите на САД ширум светот, со недели беа силно ангажирани да ја намалат нанесената штета. Според проценките на американските медиуми, 2,5 милиони луѓе имаат пристап до доверливите документи.

На наредната страница:

Заштитата на податоци им лежи на срце на Германците

Заштитата на податоци е тема и во германската јавност, но од сосема друг аспект. Од јануари 2008 година германски телекомуникации меморираа податоци од типот - кој со кого и колку долго телефонирал, кој кому му пратил СМС-порака, му напишал имејл или колку долго сурфал на интернет. Се’ до 2 март годинава, кога Уставниот суд ја поништи одлуката. Тогашниот претседател на Уставниот суд Ханс Јирген Папиер образложи: „Неоснованото меморирање на податоци од телекомуникациска природа има потенцијал да предизвика заканувачко чувство, дека некој е надгледуван, со што се врши повреда на основните права.“

Дури и кога не се знае содржината на телефонските разговори или мејловите, преку автоматска анализа на податоците може да се изработи прецизна дигитална слика за корисникот. Превентивното меморирање на податоците требаше да послужи за борба против криминалот и тероризмот. Затоа претседателот на германската криминалистичка служба Јерг Цирке по одлуката на Уставниот суд бара нова законска регулатива.

Колку на Германците им лежи на срце заштитата на личните податоци стана очигледно кога „Гугл стритвју“ дојде во Германија. Од средината на ноември стартуваше понудата за 20 германски града. Претходеше жестока дебата за заштита на приватната сфера, а околу 250.00 граѓани побараа „Гугл стритвју“ да ги прикрие фасадите на нивните куќи.

Автор: Матијас фон Хајн / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска