1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката длабоко замешана во струшките инциденти

10 февруари 2012

Обидите за смирување на тензиите во Струга барем засега се успешни. Но немилите случки тешко дека ќе се заборават. Се зборува дека зад верските се кријат чисто политички калкулации и дека граѓаните се изманипулирани.

https://p.dw.com/p/141Cn
Карневалот во ВевчаниФотографија: DW

Струга и струшко навидум живеаат сосема нормално. Со снег  и студ кои за миг како да ја потсмирија вжештената и тензична атмосфера. Палењето на македонското знаме во два наврати, големиот протест  на муслиманите во организација на муфтиството од Струга против исмевањето на исламот  присутно во дел од маските на  Вевчанскиот карневал и сквернавењето на православните цркви  беа иницијална каписла која беше и е закана за нестабилност во овој дел од Македонија. Стружани жалат што некој циклично се обидува да ги вовлече во одредени мрачни сценарија. Новинарката  Николина Велкоска, која е дописник на Супер радио од Охрид вели:

„Ова не е мојата Струга. Не ја познавам ваква Струга. Години живееме и никогаш не сме имале конфликти со било која националност. Во Струга живеат: Македонци,Турци, Албанци, Роми, Власи комуникацијата меѓу народот е добра. Сметам дека тензиите се должат на одредени интереси и штета е што светската поетска метропола ги доживува овие мигови и што точно преку Струга се кршат високи политики.“

Nikolina Velkoska Journalistin aus Struga
Николина ВелкоскаФотографија: DW

Политката ги поттикна верските чувства

Првите знаци на нетрпеливост  се појавија на спортските ракометни настани во Ниш и Белград, па и во Прилеп на пријателскиот меч  во фудбал меѓу Македонија и Албанија. Најголем дел од навивачите чиј спонзор беше државата скандираа погрдни зборови против Албанците. Но како повод за тензиите се зеде Вевчанскиот карневал, ни рече дописникот на агенцијата ИНА од Струга Мехмет Латифи:

„Со протестите организирани во Струга народот се изманипулира. И тоа од двајца луѓе од градоначалникот на Струга и од муфтијата. Зошто. Ако се работи за тоа дека се повредени националните чувства на Албанците, тие не станаа Албанци откако Рамиз Мерко дојде за градоначалник во Струга. Ниту станаа муслимани од како Ферат Полиси стана муфтија. Тие беа и ќе останат  муслимани“.

Инцидентите на одреден временски интервал не се ништо ново и непознато за Струга и струшко. Пред избори досега најчесто тензиите беа присутни во средните училишта „Нико Нестор “ и „Ибрахим Темо“, но верата досега не се мешаше:

„Да,ова е новина. Во прашање се над дваесет илјади гласови од Лабуништа, Октиси, Подгорци таа манипулација е корисна инвестиција за наредните избори. Би сакал да не сум во право само да нема такви инциденти. Не сум лично поддржувач на такви инциденти и такви скрнавења на било кој верски објекти“, објаснува Латифи.

Mehmet Latifi Journalist aus Struga
Мехмет ЛатифиФотографија: DW

Соживотот е без алтернатива во Струга

Трезвено и Македонците и Албанците од Струга избегнувајќи го микрофонот велат дека не им е сеедно што одредени медиуми потенцираа дека вахабистите ги има и во Струга, а потврда за тоа биле и паролите напишани на арапски јазик видени на протестот пред општината. Невладиниот сектор го загрижуваат и  неколкуте инциденти што се случија само во средини со мешано население. Затоа што таму народот е почувствителен и поспецифичен. Покрај во образованието и напорите да не се живее во паралелен свет сега и овие средини ќе бидат погодни за идно нивно дејствување. И по се’ има уште многумина кои ќе ви речат : „Во Струга се живеело отсекогаш заедно и соживотот мора да го сочуваме. Политичарите да ги тргнат рацете од народот и да не го манипулираат, па потоа да излезат пред него како спасители. Тие тези и сценарија би требало да се минато“.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Борис Георгиевски