1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката како дрога без која не се може

Карин Јегер/Марта Таневска28 септември 2013

Политичарите работат и по 80 часа неделно. Често се изложени на жестоки критики и отпор. Поради постојаниот стрес и притисок, многу и се разболуваат. Но и покрај тоа не се во состојба да се повлечат.

https://p.dw.com/p/19d9e
Фотографија: Johannes Eidele/AFP/Getty Images

Кој ја гледал внимателно германската канцеларка во последно време може да го забележи уморот. Но сепак, во говорите и интервјуата за медиумите за време на изборната кампања, таа одново нагласуваше дека и покрај осум години (колку што се наоѓа на чело на земјата) се` уште не чувствува умор или заситеност. „Нејзината телесна состојба е зачудувачка...“, ја пофали Ангела Меркел овие денови нејзиниот поранешен политички противник Волфганг Клемент, поранешен министер за економија и поранешен премиер на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија. И него, токму како и на канцеларката, му е потребен многу малку сон. Денес Клемент има 73 години, но се` уште секое утро трча и по десет километри и денот го започнува со 40 склекови.

Меркел не телефонира туку пишува смс- пораки

Но сепак, без оглед и на добрата телесна кондиција на Меркел, Клемент вели дека секој политичар кој е на висока функција треба по осум години да се повлече. „Да се биде на функција подолго од два мандати, всушност не може да се издржи. Уморот се забележува пред се‘ во креативноста...“ вели Клемент. Но, германската канцеларка очигледно не помислува на повлекување, иако добро знае дека со енергијата која и‘ стои на располагање мора да биде внимателна, без излишно трошење. Тоа е на некој начин и тајната на нејзиниот успех. Како што вели партискиот колега Волфганг Бозбах, „таа е прагматична и во истовреме сто проценти концентрирана на својата работа“. „Нејзиното работно време е строго испланирано, до последната секунда. Освен тоа, таа е опкружена со добри соработници кои се идентификуваат со работата, се добри организатори и многу добро комуницираат“, вели Бозбах во разговор за Дојче веле.

Освен тоа, Ангела Меркел по правило не зборува по телефон, туку комуницира со смс-пораки. Доколку е тоа можно, не оди на ручек, туку често додека е на нејзиното работно место, јаде чинија супа од леќа. Не пуши, не пие алкохол и наводно не јаде ни слатки. Не е суетна и не се оптоварува со изборот на облека наутро, како ни со премногу размислување околу тоа каде ќе го помине годишниот одмор. Таа секогаш патува на истите места - во зима во Понтресино, а во лето во јужен Тирол. „Издржливоста е одлучувачка во политиката, како во приватниот живот, така и во работата. Да се води демократска политика е многу напорно, полно со предизвици, бидејќи бара и голема подготвеност на компромиси. Доколку не се успее првиот пат со некој предлог или идеја, нема откажување, туку треба да се почне од почеток. Тоа е таканаречената главна карактеристика на работата“, вели Клемент. Тој, како што вели, доживеал и случки во кои луѓето не можеле да ги применат овие „ритуали“ и морале да се повлечат - уморни и измачени.

Wolfgang Clement ehemaliger Wirtschaftsminister
„Телеснатас состојба на Меркел е зачудувачка“, вели Волфганг Клемент.Фотографија: Getty Images

Водење висока политика е прашање на конституција

Најнов пример за повлекување на еден политичар е Матијас Плацек. Овој социјалдемократ по 11 години даде оставка на функцијата премиер на сојузната покраина Бранденбург. Иако беше со намера до 70-та година да се занимава со политика, по еден помал срцев удар, лекарот му советуваше повлекување. „Можеш да работиш неделно по 40 или 50 часа, но 80 е премногу. Заборави!“, го цитираше 59-годишниот Плацек својот лекар.

И Волгфанг Бозбах е болен и овој факт не се обидува да го скрие. Политичарот од партијата на Христијанските демократи (ЦДУ) е болен од рак и има слабо срце. Но и покрај тоа, овој политичар не помислува да се повлече. Напротив, на последните избори повторно се кандидираше за пратеник во Бундестагот. Бозбах тврди дека работи и до 70 часа неделно, но истовремено нагласува дека „се` зависи од тоа што се подразбира под поимот работа и работење“.

Тој вели дека и покрај тоа има доволно време за фамилијата и пријателите. Што се однесува на политиката, тој вели дека не е зависен од неа, туку таа е само важен дел од неговиот живот. „Инјекциите, витамините и другите средства за енергија, не ми се потребни. Најдоброто средство за добивање повеќе енергија се добрите изборни резултати“, вели Бозбах. Тој признава дека на почетокот го оптоварувале паушалните критики на сметка на неговата работа, но денес опуштено вели дека повеќето не можат да знаат колку еден политичар е оптоварен бидејќи 99 отсто од задачите се завршуваат далеку од очите на јавноста.

Wolfgang Bosbach CDU
Волфганг Бозбах тврди дека работи и до 70 часа неделноФотографија: picture-alliance/dpa

Алкохолизмот е важна тема

На прашањето колку многу работат политичарите, една од ретките која дава можност да се види нејзиниот календар со термини е Ангелика Граф, пратеник на социјалдемократите во Бундестагот и ополномоштеник на својата партија по прашањата за злоупотреба на дрога. Таа неодамна на својата интернет страница ги објави своите дневни распореди. Нив исто така им ги даде на увид и на посетителите на германскиот парламент. Нејзината цел притоа беше „да ги скрши востановените уверувања дека политичарите не работат ништо, но затоа се добро платени“. „Но, ова на медиумите секако дека не им е интересно. Поедноставно е да се претстават политичарите во лошо светло“, критикува Граф и вели дека овие предрасуди ја вознемируваат цело време откако е во Бундестагот - од нејзината 19. година. „Без оглед како се чувствувам, секое утро станувам и одам таму каде што морам“, вели таа. Граф вели дека овој начин на живот и работење е можен и без таблети, но навечер „сепак е полесно да се опуштиш и да заборавиш се‘ со една чаша вино“. „Алкохолизмот е во секој случај кај политичарите важна тема иако не се зборува за неа“, признава Граф. Таа веќе се обиде да се избори за основање посебно психолошко советувалиште за преоптоварени и уморни пратеници во Бундестагот, но нејзиниот предлог не наиде на поддршка. „На колегите очигледно би им било незгодно другите да ги затекнат пред вратата на советувалиштето“, вели Ангелика Граф.

Што е всушност главниот двигател на политичарите? Што е тоа што ги тера да ги издржат сите напори, да го ризикуваат и сопственото здравје, а на коцка да го ставаат и семејството? „Факт е дека оваа работа може да ве исполни. Политичарите имаат можност да направат многу за другите, да создадат политика според своите уверувања, дури и ако не сте на некоја висока функција во некое министерство“, вели 66-годишната политичарка. По пет мандати, таа оваа година не се кандидирала за пратеник во Парламентот. „Политиката е како дрога и јас во секој случај ќе продолжам да ја работам оваа работа и без мандат“, признава Ангелика Граф. Нејзиниот партиски колега, споменатиот Плацек, исто така не сака целосно да се повлече од политиката. Откако даде оставка од функцијата премиер на Брандендбург, тој повторно се кандидираше за пратеник во покраинскиот парламент.

Angelika Graf Drogenbeauftragte der SPD-Fraktion im Deutschen Bundestag
„Факт е дека политиката може да ве исполни“, вели Ангелика ГрафФотографија: privat

Политичар - професија без рок на траење

Како што многумина велат, излегувањето од политиката треба да биде добро подготвено. Од друга страна сепак, тие кои веќе не извршуваат некоја должност, се` уште се многу активни. Еден од нив е и Волфганг Клемент. Тој денес всушност не прави ништо помалку отколку во времето кога беше носител на еден од мандатите. Како политички советник и лобист, толку е баран што мораше да основа посебна канцеларија која „се занимава со организација на неговиот професионален живот“. „Но во меѓувреме сам се навикнав на кратка попладневна пауза. Легнувам на 10 до 20 минути за да ги наполнам батериите“, наведува Клемент и додава како животниот век не игра никаква улога. „Се` зависи од тоа колку радост ви носи работата. Мене мојата работа ми го носи тоа“, вели Волфганг Клемент. А познавајќи ја Ангела Меркел, многу веројатно е дека и таа го дели неговото мислење.