1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичарите во БиХ раскарани - пишаното културно наследство се распаѓа

Франк Хофман / Александар Методијев23 ноември 2013

Вредни книги, спасени од гранатирањето на Националната библиотека во Сараево за време на босанската војна, сега во мир скапуваат. Поделените политичари не можат да се договорат околу финансирањето на оваа институција.

https://p.dw.com/p/1AMgF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Амра Решитбеговиќ се грижи за некои од највредните богатства на Босна и Херцеговина. Библиотекарката во Сараево е на пат кон работа. Како и секој друг ден, веќе 39 години.

„Ние веќе девет месеци немаме никакви средства за работа. Но, редовно доаѓаме, бидејќи тоа го сметаме за своја должност, за своја одговорност и, меѓу другото, има и што да се сработи“, објаснува Решитбеговиќ.

Амра е вработена во босанската Национална библиотека, но таква официјално веќе не постои, оти поделените босански политичари не согласни за нејзиното финансирање. Книгите се сместени во универзитетот - со неплатен закуп.

„Загубивме соработници, загубивме луѓе... А, потоа го загубивме и статусот. Отсекогаш бевме државна библиотека. Сега не сме на никакво ниво“, вели библиотекарката.

Bürger retten Bücher aus der Nationalbibliothek in Archiv 29.08.1992
Секоја десетта книга беше спасена од запалената библиотекаФотографија: Manoocher Deghati/AFP/Getty Images

Српските политичари во земјата ја отфрлаат библиотеката, како и сите заеднички босански културни институции. Босанските Хрвати не сакаат сами да плаќаат за тие институции. Многу книги мораат итно да се реставрираат. Тие се сместени провизорно во картонски кутии.

А, тие се спасени со изложување на опасност на сопствениот живот. Во август 1992 година, во пламенот на босанската војна, вработените и соседите се ангажираа за спасување на книгите. Српските националисти на почетокот на вооружениот судир ја гранатираа и запалија библиотеката, позната како Вијеќница. Гореше печатеното мултиетничко наследство на земјата на Босанците, Хрватите и Србите. Сепак секоја десетта книга беше спасена додека снајперистите пукаа кон помагачите.

Канита Фочак е Хрватка. Била во хрватско-муслимански брак со Босанец, кој е убиен во војната. Мешани, како и потеклото на книгите во библиотеката. Таа живее спроти неа.

„Знаете дека овде е гранатиран и запален и Музејот на зимските олимписки игри, библиотеката, а гранатирани се исто така и музеи и училишта. Тоа не беа стратегиски цели. Ние тоа го нарековме урбицид“, вели Канита Фочак.

Уништување на урбаниот, односно градски соживот. Тоа денес треба да се обнови. ЕУ дава пет милиони евра, со кои зградата и одвнатре се реновира (на насловната фотографија). Но, проблем е што за библиотеката и книгите тука нема место. Зградата треба да биде отворена во јуни наредната година, но како градско собрание. Зградата порано тоа и била, но многу одамна - кога Сараево припаѓало на австроунгарското царство на Хабсбурзите, кои ја изградиле оваа зграда.

Das alte Rathaus in Sarajevo steht in Flammen Archiv 26.08.1992
Запалената библиотека фотографирана на 26.08.1992 година сега е реновирана со пари од ЕУ, но таа сега ќе биде градско собраниеФотографија: Manoocher Deghati/AFP/Getty Images

Речиси се чини како луѓето денес да бегаат од конфликтите во тогашната симболика - аспирацијата за власт на Хабсбурзите меѓу Западот и Ориентот. Кога принцот Фердинанд, го посети Сараево во 1914 година, прво ја посети Вијеќница. Потоа дојдоа истрелите кои ја предизвикаа Првата светска војна. Австроунгарскиот престолонаследник е убиен од Србин, противник на монархијата.

Библиотекарката Амра Решитбеговиќ во спасениот книжен фонд наоѓа оригинален документ за оваа историска посета. Документот е програма на патувањето во јуни 1914 година. Но, документот, спасените книги и библиотекарката Решитбеговиќ мораат да останат во импровизираното решение.

„Културата секогаш е одраз на состојбата во една земја. Се’ додека оние кои носат одлуки не се свесни колку културата, образованието и уметноста се важен чекор до благосостојбата, до барем нормалната состојба во земјата, се’ дотогаш ситуацијата и во библиотеките, и во образовните установи, и во политиката и во земјата ќе биде вака тешка“, вели библиотекарката Решитбеговиќ.

Спасените книги од босанската Национална библиотека денес се распаѓаат и се огледало на целата земја - Босна и Херцеговина, 18 години по крајот на војната.