1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка зима во лулката на Арапската пролет

Штефан Елерт/ Симе Недевски21 февруари 2013

Она што денес се нарекува Арапска пролет започна во Тунис во 2010 година. Две години подоцна оваа северноафриканска земја е на пат да го изгуби имиџот на држава во која дојде до мирен демократски преврат.

https://p.dw.com/p/17iCU
Фотографија: Reuters

Од убиството на опозицискиот политичар, либералот Чокри Белаид на почетокот на февруари годинава, Тунис го потресуваат политички турбуленции. Како последица на тоа во вторникот оставка поднесе премиерот Хамади Џебали (фотографија горе). Ваквиот чекор се очекуваше со денови: „Реков дека во случај да пропадне мојата иницијатива, ќе поднесам оставка. Тоа и го сторив на средбата со претседателот Марзуки“, изјави Џебали.

Криза која не беше возможно да биде надмината

67-годишниот премиер со месеци наназад се обидуваше да и‘ вдахне живот на коалицијата составена од исламистите, централистите и социјалдемократите. На крајот се обиде со ултиматум и се закани оти ќе поднесе оставка. Конечниот удар меѓутоа му го зададе неговата сопствена партија. Функционерите на исламистичката партија Енада не можеа да се договорат за тоа дали до наредните избори да се согласат на основање на функционална преодна влада која би била составена од стручњаци или не. Џебали изврши притисок, особено по убиството од политички мотиви на либералот Чокри Белаид на 6 февруари 2013 година. Во земјата имаше генерален штрајк, протести, безредија...

Tunesien Unruhen Beerdigung von Chokri Belaidin Tunis Demonstration Sarg
Сцена од погребот на убиениот политичар Чокри БелаидФотографија: Reuters

Ситуацијата е многу сериозна, изјави тогаш Џебали и додаде: Ги повикувам членовите на Уставотворното собрание, пратениците и претседателот на парламентот да договорат со политичките партии временски план за да може да дојде до што побрзо одржување на избори. Колку побргу организираме избори, толку побргу ќе можеме да излеземе од оваа и тоа како сериозна ситуација на економски, социјален и безбедносен план“.

Но апелите на премиерот не беа сослушани. За да бидат одржани избори, потребна беше реформа на уставот, но за тоа туниската влада не можеше да постигне консензус. Јавноста во Тунис и политичарите меѓутоа пред се’ ги подели прашањето дали би требало да постои Совет за фатва односно Висок исламски совет. Оставката на Џебали, иако стигнува предоцна, сепак е знак за доследност и може да послужи како пример во другите арапски земји.

На потег е Енада

Демократскиот преврат во 2011 година на функцијата премиер на Тунис го доведе умерениот исламист Џебали. Мехнди Бен Гарбија од опозициската Демократска алијанса на Тунис изрази почитување за напорите на премиерот да ја изведе земјата на вистинскиот пат: Ја поддржавме неговата иницијатива. Навистина можеше да се забележи дека тој вистински се труди земјата да добие вистинска влада, бидејќи ние веќе два месеца имаме криза поради владата која практично не функционира.“

Tunesien Unterstützer der islamistischen Ennahda-Partei demonstrieren in Tunis
Демонстрации на приврзеници на владејачката исламистичка партија ЕнадаФотографија: Reuters

Сега Тунис има нефункционална влада без нејзин претседател. За формирање нов кабинет постојат јасни правила, вели опозицискиот политичар Мехди Бен Гарија: Имаме Устав кој јасно вели дека претседателот на најголемата партија, а тоа во случајов е исламистичката Енада, треба да поднесе предлог за основање на владата. Мислам дека сега на потег е Енада.“

Инаку, заминувајќи од функцијата премиер, Хамади Џебили изјави дека неговата оставка не значи и пропаст на револуцијата, која пред две години започна во земјата и брзо се прошири и во другите арапски земји, добивајќи го притоа називот Арапска пролет. Многумина набљудувачи но и политичари од Западот веќе изразија загриженост за „политичката зима“ во огништето на Арапската пролет.