1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка пролет во романската зима

18 јануари 2012

Илјадници незадоволни граѓани со денови протестираат во Романија. Нивното незадоволство е насочено против претседателот и политиката на штедење на владата, но и против целиот политички естаблишмент.

https://p.dw.com/p/13kqX
Фотографија: Reuters

Бранот протести во Букурешт и во другите романски градови ги предизвика жестоката дебата за реформа на здравствениот систем. Никој во земјата не се сомнева дека само реформа на корумпираниот систем на здравствена заштита ќе донесе спас. Реформата ја бараше и Меѓународниот монетарен фонд на чија помош земјата е упатена поради лошата финансиска состојба во која се наоѓа.

Противниците стравуваат дека по воведувањето на реформираниот систем тој ќе биде контролиран од корумпираните општествени структури. Спорот ескалираше откако претседателот Трајан Басеску јавно нападна еден успешен лекар. Популарниот доктор од палестинско потекло, Раед Арафат студирал во Романија и подоцна оформил многу ефикасен систем на итна помош. Тој предупредува дека реформите би ја уништиле неговата мрежа на прва помош и притоа поднесе оставка на функцијата државен секретар во Министерството за здравство.

Protest in Rumänien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Граѓани од втор ред

Со новиот нацрт-закон се предвидуваше отворање на пазарот за служби на брза помош и спасување и нивно приватизирање. Но, Романците се плашат дека на тој начин ќе се создаде општество со граѓани од втор ред. Оставката на Арафат беше само фитилот кој ги запали луѓето и доведе до демонстрации. Во меѓувреме предлог-законот е повлечен, но граѓаните и натаму протестираат. На почетокот се протестираше во знак на поддршка за Арафат, а сега веќе тоа се масовни изливи на незадоволство.

Тие се насочени кон претседателот и остриот владин курс на штедење, но и против целата политичка номенклатура, кои Романците ја сметаат за неспособна и корумпирана.

Првично мирните протести ескалираа откако во нив се вклучија и хулиганите. Поради тоа дојде до улични борби со полицијата, грабежи и нереди. Повеќе од 70 луѓе беа повредени во текот на викендот.

Предоцна за разговори

Политички протести од овој тип не се карактеристични за Романија. По крвавиот политички пресврт во 1989-та година и падот на комунизмот, сите политички влади оттогаш се обидуваа да ги ублажат болните последици од реформите. Резултатот беше релативен мир, но и одолговлекување на процесот на развој на европските институции.

Rumänien Ministerpräsident Emil Boc in Bukarest
Емил БокФотографија: Reuters

Пет години по влезот во ЕУ, Романија ја потресуваат последиците од глобалната економска криза. Големата корупција и неспособното правосудство само ја зајакнаа фрустрираноста на граѓаните.

Опозицијата во земјата се обиде да им се приклучи на протестите, имајќи предвид дека одамна бараат оставка од претседателот на државата и од владата. Но демонстрантите немаат доверба ниту во нив.

Премиерот Емил Бок во меѓувреме најави нов обид за усвојување на реформите. Овојпат од предлогот отпадна обидот за приватизација на Службата за брза помош на Арафат. Бок го осуди насилството и бара решение на кризата преку дијалог. Но, за неговиот апел е предоцна. Во наредните деновиве закажани се нови протести.

Автор: Роберт Шварц/ Б.Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска