1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички опортунизам за личен профит

17 февруари 2012

Аналитичарите во Македонија сметаат дека „окрупнувањето“ на десницата има повеќе психолошки, отколку идеолошки предзнак. Во враќањето на некогашните лути противници во ВМРО ДПМНЕ гледаат повеќе пазар за личен профит.

https://p.dw.com/p/144du
Фотографија: Petr Stojanovski

Вистинско окрупнување на десницата или своевидно „помирување“ со довчерашните одметнати неистомисленици од обострана корист. Аналитичарите во Македонија се главно скептични дека случувањата во десницата, каде деновиве прејдоа неколкумина поранешни членови кои формираа свои партии, значи вистинско окрупнување.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека враќањето на Маријан Додовски од ВМРО Народна и Филип Петровски од Демократската десница во ВМРО ДПМНЕ е последица на неколкугодишниот биполарен политички амбиент во Македонија, односно целосна доминација на два политички блока без простор за развој на трета опција. Во вакви услови според него нормално е факторите со голема моќ да ги привлечат помалите што во случајов за нив отвора можност и за одредени придобивки кои би ги нудела власта:

„Во ситуација на политичка криза моралниот аспект на политичките потези е една варијанта која политичарите лесно ја забораваат. Затоа што секогаш кога ќе се судрат политичкиот опортунитет и политичката идеологија, политичкиот опортунитет победува. Тоа не е само во Македонија и правило за помалите партии. Така што мислам дека во долгорочна криза недостатокот на таа трета опција ги прави партиите да бидат се’ повеќе опортуни, а се’ помалку идеолошки и тоа во крајна смисла не можам ни да им го забележам“, смета Арсовски.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски смета дека во случајот повеќе се работи за психолошки отколку за вистински ефект од како што вели ова под наводници окрупнување. Во пресрет на локалните избори владејачката партија според него се обидува да не го загуби делот на гласовите кои се прелеале во помалите партии, но и да го сведе на минимум бројот на политичари кои во иднина би ја критикувале работата на партијата и на владата. Сепак тој смета дека не станува збор за моќни политичари кои би ги елиминирале сите недостатоци:

„Јас мислам дека се работи за личности кои едноставно покажаа дека немаат моќ, сила, авторитет да придобијат поголем број на гласачи и погледнато од друг аспект сметам дека е обид да се врати и да се добие нешто од ВМРО ДПМНЕ. Меѓутоа мислам дека доколку ВМРО ДПМНЕ им ги отвори ширум вратите, односно им даде некои партиски функции во тој случај може да постои незадоволство кај членството, што мислам дека е сосема оправдано. Меѓутоа мислам дека таква грешка раководството нема да направи и евентуално би се случило да добијат некоја лична сатисфакција за тој премин што го направиле или покајување под наводници, за да се вратат и да добијат некоја функција во јавната администрација“, смета Кекеновски.

Ваквите прегрупирања отвораат простор за дејствување само на Љубчо Георгиевски кој според Кекеновски објективно нема поголема моќ нешто да направи, но секако дека ќе биде камен на сопнување за ВМРО ДПМНЕ во претстојниот период, што впрочем се виде и во изминатите денови. Окрупнувањето на десницата се случува по една деценија разединетост во ВМРО ДПМНЕ што на сцената исфрли десетина политички партии со предзнакот ВМРО. Но, ниту една од нив не и успеа да се наметне како сериозен фактор на македонската политичка сцена.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска