1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полифонија ја воодушеви публиката

Горан Петрески20 април 2008

Германските музичари предизвикаа голем аплауз од публиката која беше во фоајето на Македонскаta опера и балет. Ансамблот „Полифонија“ од Берлин по втор пат ја воодушеви скопската публика.

https://p.dw.com/p/Dl4k
Фотографија: DW / Stojanowski

„Концертот беше извонреден. Музиката многу ме релаксираше. Изведбата на делата од Моцарт беше феноменална“, вели една млада девојка. Дел од остантите присутни на концертот, пак, велат: „Човек се препушта во музиката и мислите, и бега од ова секојдневие со коешто сме оптоварени“

„Се чуствувам релаксирано, расположено, иако е најубаво ваква музика да се слуша кога си сам“.

Берлинскиот состав настапи во Скопје пред година и половина. И тогаш исто како и сега собра неколку стотици посетители. Публиката, концентрирано, но во истовреме релаксирано го следеше концертот што се одржа во фоајето на Македонската опера и балет, заради подобра акустика. Публиката оценува:

Konzert von Polyphonia Ensemble Berlin in Skopje Mazedonien
Уредникот на Македонската програма, Нада Штајнман и Геро Шлис од Програмската дирекција на ДВ зборуваат пред публикатаФотографија: DW / Stojanowski

„Се знае дека германските класичари се едни од најдобрите во светот, и навистина би било голема грешка ако се пропушти ваква можност да се чуе нешто ново.“

„Најмногу ми се допаѓа тоа што свират прецизно. Бев и на минатиот концерт и дојдов повторно бидејќи и тогаш како и сега ми оставија многу добар впечаток“.

„По нивниот прв настап, реакциите од колегите со кои разговарав беа одлични и тоа ме натера да дојдам вечерва и да ги слушнам“.

Германските музичари настапија со дела на Фолфганг Амадеус Моцарт и на помалку познатиот Јозеф Габриел Рајнбергер. Шефот на ансамблот „Полифонија“, Мартин Кегел, вели дека вториот автор е неоправдано во сенка на популарните германски класици: „Рајнбергер е малку потценет композитор, но се надевам дека вечерва слушнавте оти тоа е неправедна оценка“.

За време на претходното гостување, германските музичари им држеа предавања на македонските стиденти. Овојпат македонските таленти настапија заедно со гостите од Берлин. Ангелина Катмерова и Милош Тошиќ беа дел од „Полифонија“. Велат дека со поискусните германските колеги лесно се разбрале преку јазикот на музиката.

Публиката беше задоволна од концертот, но и музичарите од неа. Германците настапувале на многу места, но скопската публика ја сметаат за посебна. Кегел објаснува зошто: „Тоа е една многу отворена публика. Прекрасно не‘ примија минатиот пат и затоа решивме да дојдеме повторно“.

Konzert von Polyphonia Ensemble Berlin in Skopje Mazedonien
Ансамблот Полифонија гостува вторпат во СкопјеФотографија: DW / Stojanowski

Луѓето во Македонија се презаситени од политика и затоа решивме да им понудиме нешто убаво, нешто европско, да им ја доближиме Германија преку музиката, вели уредникот на Македонската програма на Дојче Веле, Нада Штајнман, организатор на концертот. Таа додава: „Ми се чини дека поминаа времињата со премрежја на Балканот и ми се чини дека преку културата и музиката треба да се градат мостови меѓу народите. Затоа сме дојдени овде луѓето да се дружат преку културата и музиката“, вели Штајнман.