1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата забрани протести на опозицијата во Камбоџа

ЕМФ/дв5 јануари 2014

Камбоџанските безбедносни сили насилно растурија протест на опозицијата во главниот град Пном Пен и забранија протестирање на неопределено време.

https://p.dw.com/p/1AlR4
Фотографија: Reuters

Гувернерот на главниот град Пном Пен, Па Сочеатвонг, изјави дека повторно ќе може да се демонстрира кога ќе биде повторно гарантирана националната безбедност и јавниот ред. Полицијата вчера (04.01.), употребувајќи палки и солзавец, расчисти камп на текстилните работници кои штрајкуваа во еден парк во Пном Пен. За разлика од денот претходно, овојпат не дојде до насилни судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите. Портпарол на опозиционата партија ЦНРП, Јим Сован, го осуди насилното растурање на собирот на штрајкувачите како „акт на комунистичка диктатура“. Независно од тоа, противниците на владата го откажаа планираниот голем собир и тридневните протестни акции. Опозицијата ги повика своите приврзаници „да останат мирни“ и најави дека ќе размисли за нова стратегија.

Protest Textilarbeiter in Kambodscha
Штрајкот на текстилците се претвора во протести против властаФотографија: Tang Chhin Sothy/AFP/Getty Images

Критика од Германија и ЕУ

По смртта на четворица демонстранти при насилното растурање на демонстрациите на текстилните работници во петокот (03.01.), германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер остро ги критикуваше камбоџанските безбедносни сили. Тој за онлајн изданието на магазинот „Шпигел“ рече дека е „трагедија кога се убиваат работници кои штрајкуваат за своите права“. Според Штајнмајер, „на социјалните и економски конфликти не смее да се одговара со насилство“. „Шпигел“ информира дека германскиот и повеќемина други амбасадори на земји од ЕУ во Министерството за внатрешни работи во Пном Пен побарале одговорен пристап кон протестите на работниците.

Текстилните работници бараат двојно зголемување на платите, кои во моментов изнесуваат 80 долари (околу 57 евра). Зголемување на платите на 95 долари, како што предлага владата, е неприфатливо за синдикатот.

Штрајкот на текстилните работници се‘ повеќе се претвора во протест против авторитарниот премиер Ху Сен, кој владее речиси три децении. Опозицијата го обвинува дека со изборни фалсификати ја купил својата изборна победа минатиот јули и затоа бара негова оставка.