1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата патролира со ролери на батерии

Дино Бернабео/ Жана Ацеска24 септември 2012

Полицајците во Бремен во проблематичните квартови во патрола одат со Сигвејс, електроролери на батерии. Целта на тест фазата во нивната употреба е - бесшумно патролирање и фаќање на дело на провалниците.

https://p.dw.com/p/16ApU
Фотографија: picture-alliance / dpa / dpaweb

Во патрола со полицијата во Бремен, на футуристички погон.

„Ова е навистина задоволство“, вели еден од полицајците.

Добро расположени полицајци на електромобили во малку небирократска акција.

Полицијата во северен Бремен од неодамна патролира со Сигвејс. Тоа се ролери на батерии, на кои се вози со стоење, една револуционерна техника. Службениците треба да му се заблагодарат за нив на својот главен комесар, голем симпатизер на Сигвејс од САД.

„Јас радо ролам, на јазикот на младите во Германија, тоа е навистина кул, прекрасно чувство да се вози на електроролерот, тој е подвижен, може да направи се‘ што сакам, ме слуша буквално послушно до збор“, вели главниот комесар Гунтер Крузе.

Тој ги обучува колегите за патролирање на електроролери. Тест-проектот во Бремен трае три месеци и чини 12 илјади евра. Полицијата се надева дека со негова помош ќе успее да ги растера провалниците.

„Во прва линија сакаме преку ролерите да постигнеме одвратување, сакаме да покажеме-ние сме овде, не се исплатува воопшто да се провалува. Електроролерите се погодни посебно за ноќно време, зашто се тивки, па можеме да му влеземе во трагата на понекој престапник“, вели Крузе.

Кога некој провалник ќе биде фатен на дело, полицаецот може едноставно да скокне од електромобилот и да го остави да се движи. Тој е поврзан со далечински управувач, преку кој се блокираат колцата и се вклучува алармот ако некој сака да го украде. Новите службени возила достигнуват брзина до 20 километри на час, батеријата е доволна за една вечер. Полицајците сакаат речиси бесшумно со ролерите на батерии да се движат по градските сокачиња и да ги контролираат луѓето. Новиот настап на полицијата кај некои граѓани наидува на одобрување.

„Супер, тие и изгледаат убаво. Така поминуваат и низ сокачињата, кога на пример сакаат да фатат некого“, вели еден граѓанин.

Но, под услов крадците да не бегаат пребрзо, зашто тогаш полицијата не може да ги стигне.

„Тие треба понекогаш да имаат и брзи автомобили, вака не оди, тоа не е комплетно постојано решение“, скептичен е друг.

Дали полицијата по тест-фазата ќе ги воведе овие возила, зависи од успехот и се разбира од парите. Полицајците уште сега многу нерадо би се откажале од своите сигвејс.