1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата трага по напаѓачот на војникот во Париз

АТ/ афп/ ртр26 мај 2013

Неколку денови по смртоносниот напад во Лондон војник повторно беше цел на напад, овојпат во Париз. Осомничениот сторител е во бегство.

https://p.dw.com/p/18e9m
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Три дена по смртоносниот напад на осомничени исламисти врз британски војник во Лондон, во Париз на улица е нападнат војник. Непознат сторител вчера го нападна 23 годишниот војник на улица, кој е тешко повреден на вратот откако напаѓачот со нож му се приближил одзади. Напаѓачот е во бегство, соопшти полицијата. Војникот загубил големо количество крв, но не бил во животна опасност. Според локалниот државен обвинител Роберт Жели истрагата ја презела анти-терористичката единица.

Во моментот кога бил нападнат, војникот заедно со двајца колеги од анти-терористичката програма во униформа и вооружени патролирале во западниот дел на Париз, во Франција вообичаена постапка. Таму е секојдневие анти-терористичката одбрана да испраќа војници на местата каде постои голема фреквенција.

Сторителот најверојатно потекнува од Африка

Портпарол на синдикатот на полицијата соопшти дека напаѓачот бил снимен на една од камерите за надгледување. Според тие снимки станувало збор за маж на возраст од околу 35 години, кој носел брада и најверојатно потекнува од Африка.

Претседателот на Франција Франсоа Оланд за време на неговиот престој во Етиопија изјави дека причините за нападот се нејасни и дека истрагата се води во сите правци. Министерот за внатрешни работи Мануел Валс укажа на паралелите со лондонскиот случај, но предупреди да не се изведуваат избрзани заклучоци. „Се полага се' за да се упаси сторителот“.

Натамошни апсења во Лондон

Во Лондон мината среда двајца Британци со нигеријанско потекло брутално убија војник, по што на минувачите им говореа дека тоа било одмазда за да се исплатат делата на британските војници во муслиманските земји. Тие беа на местото на злосторството уапсени од полицијата. Поради сомневање за поврзаност со делото во меѓувреме се притворени осум осомничени лица.