1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Половина Индија без струја

АТ/ дпа/ афп/ ртр31 јули 2012

Еден ден по гигантските проблеми со снабдувањето со струја, ситуацијата во Индија се влоши. Речиси половина од жителите на државата се погодени од нов, уште поголем „блекаут“.

https://p.dw.com/p/15hBh
Фотографија: dapd

Втор ден по ред во Индија стотици милиони жители се погодени од исклучување на струјата. Освен во северот на земјата, струјната мрежа денеска „колабираше“ и во источниот и североисточниот дел на Индија, изјави портпаролот на индиското мрежно стопанство „Пауергрид Корпорејшн оф Индиа“. Температурите се високи, а погодени од паѓањето на струјната мрежа биле 12 од вкупно 35 сојузни држави. Во нив живеат повеќе од 600 милиони луѓе, околу половина од индиското население.

Стотици возови повторно останаа на железничките станици. Во Њу Делхи сообраќајот на метрото е во прекин. Болниците, продавниците и канцелариите ги користат агрегатите за вонредни ситуации.

Stromausfall Indien Juli 2012
Речиси половина од жителите на Индија без струјаФотографија: dapd

Вчера, најголемиот дефект во последните единаесет години, со часови го парализираше јавниот живот во вкупно девет сојузни држави во северниот дел на Индија. Од дефектот беа погодени речиси 400 милиони жители, меѓу нив и граѓаните на главниот град Њу Делхи. Според податоците на енергетскиот снабдувач ПСОЦ, мрежата најверојатно била преоптоварена, оти некои сојузни држави требувале повеќе струја, отколку што им следува. Во одредени моменти, кога голем број клиенти истовремено употребуваат струја, побарувачката на струја во Индија е значително поголема од понудата.

Владата најави дека ќе спроведе истрага за причините за проблемите во снабдувањето со електрична енергија. Од владини кругови се вели, дека причините за „блекаутот“ биле најверојатно проблеми во снабдувањето со јаглен на централите и во струјните мрежи.

Недостигот на енергија како и несоодветната патничка и железничка инфраструктура ја попречуваат индустријализацијата на Индија.