1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска вели дека е оставена на цедило

17 септември 2009

Делегација од САД стигна во Варшава за да ја извести владата за промената во плановите за изградба на ракетен одбранбен штит. Образложение - од Иран не произлегува толку голема опасност како што проценила владата на Буш?

https://p.dw.com/p/Jira
Фотографија: AP Graphics

Спорот со години ги оптоваруваше односите меѓу САД и Русија. Откако американскиот претседател Џорџ Буш соопшти дека сака да изгради ракетен одбранбен штит во Источна Европа против можните ракетни напади на т.н непресметливи држави од Блискиот исток, владата во Москва се‘ поостро протестираше против овие планови. Таа се чувствуваше загрозена. Со промената во Белата куќа во Вашингтон рускиот претседател Димитри Медведев негуваше надеж дека Барак Обама може да се откаже од плановите на својот претходник и ќе се погрижи за подобри односи со Русија. Со недели кружат гласини дека американската влада ќе се дистанцира од ракетниот штит. Сега веќе стигна потврда и од Министерството за одбрана. И полската влада го потврди ова. Таа смета дека Вашингтон ја оставил на цедило.

Symbolbild USA Polen Raketenabwehrsystem
Aмериканската администрација не се интересира толку за овој дел од Европа, вели Јарослав Говин, советник на полскиот премиерФотографија: picture-alliance/ dpa / DW-Montage

Делегација од Вашингтон стигна во Варшава за да ја извести владата за промената во плановите за изградба на ракетен одбранбен штит во Источна Европа. Чешкиот премиер Фишер веќе претходно добил повик од американскиот претседател Барак Обама, се вели во извештаи во медиумите. Според „Вол стрит журнал“, Белата куќа ја образложила одлуката со тоа што од Иран не произлегува толку голема опасност колкава што ја процени владата на претходникот Џорџ Буш. Техеран не напредува толку брзо со програмата за изградба на ракети со долг дострел колку што се сметаше, се вели во извештај кого го читал и Јарослав Говин, близок на полскиот премиер Доналд Туск:

„Тоа не ме чуди. Ме интересираа само вистинските мотиви за ваквата одлука. Можеби се работи за Иран, но поверојатно е дека американската администрација не се интересира толку за овој дел од Европа. Од Барак Обама и неговите соработници очигледно не може да се очекува решителност во настапот кон Русија.“

Кремљ од почетокот протестираше против стационирањето на одбранбени ракети во североисточна Полска

За да избегне конфликт со рускиот премиер Владимир Путин, американскиот претседател сега попушта, пишува „Викли Стандард“. Обама, тврди весникот, со тоа капитулира пред Русија и пред Путин. Разочарувањето во Полска е големо, не само поради тоа што нема да стигне одбранбениот ракетен систем, туку поради тоа што луѓето овде се чувствуваат оставени на цедило од Американците. Еугениус Клопотек од коалиционата партија во полската влада, Земјоделската, го кажува она што го мислат многумина: „Јас никогаш не бев поддржувач на одбранбениот штит, значи, не се случи ништо лошо. Но, мојата доверба кон Американците се губи. Направивме речиси се‘ за нив, а тие речиси ништо за нас. Некои политичари во Полска се однесуваат како да се важни партнери на Американците. Но, за Американците ние не играме во прва лига, туку во втора.

Grafik Geplantes US-Raketenschild in Tschechien und Polen deutsch Raketenabwehrsystem
Планираниот американски антиракетен штит во Полска и Чешка

Тоа што Обама на 1 септември на манифестациите по повод почетокот на војната во Гдањск го испрати само својот советник за безбедност, за многумина Полјаци веќе беше сигнал. Најновиот заклучок на новиот претседател може натамошно да ги оптовари билатералните односи, вели историчарот Војчех Матерски: „Штета, но тоа е следно разочарување во САД. Нашите односи со Вашингтон секогаш почивале на доверба и ангажман. Со тоа понекогаш се влошувале дури и односите со нашите европски соседи.“

Автор: Лудгер Кажмирек / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска