1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска е за злотата

К. Харенброк / Е. Милошевска Фиданоска8 август 2013

Според актуелните анкети, големо мнозинство од Полјаците сака да ја задржи злотата како валута. Владата нема мнозинство за да ги „протурка“ уставните промени во Парламентот. А без уставни промени-нема влез во еврозоната!

https://p.dw.com/p/19A1R
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мариша Обчак на пазарот во Познањ продава влечки. Нејзиниот сосед ги произведува рачно, а таа ги продава по 25 злоти, или околу 6 евра. Мариша сака да се задржи злотата како валута. Еврото не го сака.

„Јас и‘ припаѓам на постарата генерација. Ние секогаш сме ја имале злотата и навикнати сме на нејзе. Не сакам други пари, со нова валута само ќе се збунуваме во пресметувањето“, вели таа.

Злотата со години се разменува по курс 1 спрема 4. За 100 евра се добиваат нешто повеќе или понекогаш нешто помалку од 400 злоти. Од стабилниот курс на размена профитираат полските претпријатија насочени кон извоз, како производителот на автобуси „Соларис“. Претпријатието извезува главно во еврозоната. Во Германија има удел на пазарот од речиси 40 проценти. Успешниот модел е комбинација од ниски плати и модерна техника. Многу компоненти се увезуваат од Западна Европа, како системот за пренос на сила и моторот. Со воведување на еврото би се зголемиле платите, стравува финансискиот директор. Успешниот деловен модел би бил разнишан.

28.06.2011 DW-TV Made in Germany zloty
Злотата со години се разменува по курс 1:4

„Приклучување во еврозоната би значело поевтина набавка на компонентите, но би се зголемиле трошоците за работниците, за платите. Значи, приклучување кон еврзооната има и предности и недостатоци“, оценува Збигњев Паленќија, финансиски директор на „Соларис Бус“.

Polen Slubice Besucher auf dem Polenmarkt
Eврото во Полска би можело да биде воведено во 2019 годинаФотографија: picture-alliance / dpa

Полјаците во Источна Европа досега беа најголеми застапници за заедничка валута, но со еврокризата се намалува и поддршката. Така е дури и кај многумина студенти на Економскиот универзитет во Познањ. Дел од нив имаат ваков став:

„Во моментов велам НЕ за еврото.“

„Со евро не би имале влијание врз валутата, тогаш се‘ ќе се одлучува во Франкфурт, а не во Варшава.“

„Мислам дека ни се потребни уште 10 или 20 години за да ја подготвиме нашата економија за заедничката валута.“

Според официјалниот план на Европската унија, еврото во Полска би можело да биде воведено во 2019 година. Дотогаш Мариша сака да биде веќе во пензија. Значи, се‘ додека работи, ќе си ја има и злотата.