1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска - смог во изобилство

Улрих Адријан / Петра Грунерт / Зоран Јордановски25 февруари 2014

Краков, град на југот на Полска, е во врвот на најзагадените градови во Европа со смог. Десетици илјади печки на јаглен предизвикуваат секоја зима дишењето во градот да биде сериозно отежнато.

https://p.dw.com/p/1AzOE
Фотографија: Mehr

Краков во магла. Всушност, не е магла, туку смог. Микро честички, многу отровни, крајно штетни. Состојбата е толку лоша, што Краков се искачи на трето место меѓу најзагадените градови во Европа. Во 150 денови од годината е пречекорена границата за концентрација на микро честички - катастрофа за луѓето што живеат овде.

„Веќе не би требало воопшто да излегуваме од дома, или само за кратко. Не треба да спортуваме, не треба длабоко да дишеме. Јас сум непушач, но со вдишување на воздухот во Краков е како секој ден да пушите седум цигари. Тоа се 2.500 цигари годишно - и за мене како непушач“, вели еколошката активистка Малгоржата Малохлеб.

Краков протестира. „Краковски аларм против смогот“ е граѓанска иницијатива основана минатата година, со мото „Сакаме воздух“. Нејзина цел е да врши притисок врз локалните политичари.

Зависноста од јаглен го прави воздухот опасен

Полска е целосно зависна од јаглен, од кого произведува до 90 проценти од потребната енергија. Во Полска годишно се ископуваат 80 милиони камен јаглен, претежно за греење. Последица од тоа е дека во овој облак од смог врз градот одвај може да се дише. Воздухот смрди и ги напаѓа бронхиите.

Krakauer Vorstadt
Реткост е во зима во Краков да нема смогФотографија: DW/G. Petrovskaja

Доктор Ева Кондрацка со години предупредува и ги моли политичарите конечно да сторат нешто за квалитетот на воздухот во Краков. На пациентите таа им забранува занимавање со спорт; дури и прошетките ги смета за штетни.

„Кој доаѓа в зима во Краков и е осетлив, по еден ден веќе непрестано кашла, а очите го печат и го чешаат. Пациентот помислува на алергија. Ние направивме многу истражувања, но не најдовме ништо. Помош е само да се напушти Краков. Туристите можат да го сторат тоа, но не и жителите на градот. Овде е навистина опасно. Тоа се покажува и кај животните - сите мои кучиња починаа од рак и тоа не е случајно“, вели лекарката во Универзитетската болница во Краков.

Изолацијата на домовите би помогнала

Во Краков 25 илјади домаќинства се грејат со јаглен. Поради слабата изолација се губи топлина. Марек Китлински е енергетски советник и секој ден е на терен со камера која регистрира топлина. Топлината бега на црвените места покажани на екранот на камерата - колку поцрвено, толку полошо.

Smog in der ostukrainischen Stadt Donezk
Освен печките на јаглен, и фабриките придонесуваат во загадувањето на воздухотФотографија: DW

Внатре советникот укажува на проблематичните места. На фотографиите од специјалната камера внатре боите се обратни - сините се местата каде бега топлината.

„Куќа градена во времето на комунизмот. Типично е дека воопшто нема топлотна изолација. Проблем се ѕидовите. Низ нив може да се загуби и до една третина од топлината. Ако се изолираат, се штедат пари. Тоа веднаш се чувствува“, вели енергетскиот советник во фирмата „Термоцент“.

Значи, безнадежно е? Не сосем. Демонстрантите одненадеж наидоа на одзив кај политиката. Регионалното собрание во меѓувреме донесе решение за забрана за греење со јаглен во градот.

Но, таа ќе биде во сила дури од 2018 година. Во Краков никој не знае дали е воопшто спроведлива. Смогот над градот во секој случај мора да се отстрани - и тоа бргу.